Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – „Антево перо“ и Europe house Струга (ул. Климентица) организираат поетско читање кое ќе се одржи на 17 август 2025 година (недела), во 19 часот во просториите на Europe house Струга. Настанот се организира во чест на јубилејот 50 години од објавувањето на поетската збирка „Тајнопис“ од Анте Поповски.
Поети од повеќе генерации ќе земат учество на настанот, а ќе бидат презентирани и видео и аудио записи од Анте Поповски. Македонскиот поет, преведувач, есеист и публицист беше една од најзначајните македонски книжевни фигури која остави огромен траг на книжевното творештво во Македонија. Како еден од најистакнатите македонски поети, кои припаѓаа на втората генерација, Поповски имал плодна книжевна дејност, а бил преведен на бројни јазици ширум светот со избори од неговата поезија.
Тој бил добитник на некои од најважните македонски книжевни награди како наградата ,,Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, и многу други.
Здружението за зачувување на неговото дело ,,Анте Поповски“, секоја година придонесува со чествување на неговиот лик и дело, објавување на конкурс за поетска збирка и промоција на творештвото на Поповски пред новите генерации. Ова поетско читање е дел од напорите за афирмација на неговата поезија и нејзино поголемо претставување пред македонската публика, со што ќе се обрне поголемо внимание на заштитата на македонското книжевно наследство и неговото третирање во иднина.
Минатата година и библиотеката „Браќа Миладиновци“ придонесе кон овие напори со претставување на дигиталната колекција за Анте Поповски, која сега е дел од нивната дигитална библиотека. Дигитализирањето на неговото творештво значи поголемо приближување до неговото творештво од страна на сите истражувачи.