26ти Јули, Меѓународен ден за борба против злоупотребата на дроги и нелегалната трговија со дроги

Поддржи, не казнувај!

Денес, 26ти Јули, е Меѓународниот ден за борба против злоупотребата на дроги и нелегалната трговија со дроги. Вообичаено државите овој ден го користат за да си се пофалат колку „многу“ направиле во „војната против дрогите“. Но, ваквата т.н. „war on drugs“ политиката од седумдесетите години на минатиот век наваму, направи непоправливи штети на луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства, уништувајќи многу животи особено на млади луѓе кои употребуваат дроги, со тоа што ја криминализираше употребата на дроги, прогонувајќи ги корисниците, а со тоа потиснувајќи ги на маргините на општеството. На маргините на општеството овие луѓе немаа пристап до здравствена грижа, третман на зависноста ако ја развиле од употребата на дроги, намалени можности за вработување, со еден збор ускратување на основните човекови права.

Всушност под влијание на оваа глобална политика повеќето држави во светот наместо против нарко картелите, водеа војна против луѓето кои употребуваат дроги. Во одредени држави таквата политика зазеде екстремни размери, како на Филипините, каде власта буквално издаде отворена дозвола за убивање на луѓето кои употребуваат дроги. За време на диктатурата на Дуерте, односно до март 2022 година кога конечно ја изгуби власта во оваа држава, беа убиени над десет илјади луѓе кои употребувале или дури и за кои се сомневале дека употребуваат дроги.

Поради штетите кои луѓето кои употребуваа дроги и нивните семејства ги трпат од ваквата репресивна политика против дрогите од 2013 година започна глобалното движење наречено „Support, don’t punish“ односно на македонски „Поддржи, не казнувај„.

Кој е главната цел на ова глобално движење, кое и во Македонија десет години е поддржано од заедницата на луѓето кои употребуваат дроги и организациите за намалување на штети?

Поддржи, не казнувај е глобална грасрут иницијатива насочена кон поддршка на политиките за намалување на штети од употреба на дроги кои наместо прогонот и репресијата фокусот го ставаат на јавното здравје и човековите права. Оваа кампањата се обидува да го стави концептот за намалување на штетите од употреба на дроги на политичката агенда преку зајакнување на капацитетот за мобилизација на заедниците кои се цел на прогонот и нивните сојузници, преку отворање дијалог со креаторите на политиките и подигање на свеста кај медиумите и јавноста.

Ова е кампања воглавном се спроведува токму на 26 јуни, Меѓународниот ден за борба против злоупотребата на дроги и нелегалната трговија со дроги, со цел да го пренасочи фокусот од прогонот на луѓето кои употребуваат дроги, кон неопходната поддршка и почитување на правата на овие луѓе.

Па така, секоја година, сè поголем број активисти и организации низ многу градови ширум светот се придружуваат на оваа борба за реформи кои ќе овозможат политики засновани на почитувањето на човековите права, наместо прекршување на истите.

Главни пораки на кампањата „ Поддржи, не казнувај“ се:

  • Системот за контрола на дрогите е неефективен и има потреба од реформи.
  • Луѓето кои користат дроги повеќе не треба да се криминализираат.
  • Казните за оние кои осудени за трговија со дроги, не треба да бидат драконски, а смртна казна никогаш не треба да се изрекува за кривични дела за дрога.
  • Политиката за дроги треба да се фокусира на здравјето, благосостојбата и намалувањето на штети.
  • Државите треба да обезбедат соодветни буџети наменети за спроведување на политиката за дроги со кои ќе се осигури соодветно финансирање на одговорите кои се засновани на унапредување на здравјето, намалувањето на штети и заштита на човековите права.

ХОПС и другите организации за намалување на штети повеќе од една декада секоја година се дел од оваа многу важна глобална иницијатива и учествуваат активно во кампањата.

Оваа година акцентот на кампањата се става на декриминализацијата на употребата на дроги и поседувањето за лична употреба. Во февруари 2023 година македонскиот Парламент ги усвои измените во Кривичниот законик со кои членот 215 – Недозволена трговија со дроги се дополни со уште еден став кој гласи:

„Нема да се казни тој што поседува наркотични дроги и психотропни супстанци за лична употреба“

Оваа измена на законот беше неопходна бидејќи животите на многу млади луѓе беа уништени затоа што биле фатени со дрога која не ја продавале туку ја поседувале за лична употреба. Има пресуди со кои луѓе биле осудени заради поседување на еден џоинт марихуана или во еден случај дури и само поради отпушок од џоинт.

Но, за да може да зборуваме за целосна декриминализација, освен кривично правната законска декриминализација на употребата на дроги, неопходно е да се поддржат програмите за намалување на штети преку поддржување и унапредување на постоечките, но и развивање на нови согласно потребите на корисниците и трендовите поврзани со употребата на дроги.

Потоа мора да се унапреди системот за третман, рехабилитација и реинтеграција на луѓето кои се соочуваат со зависности во општеството, бидејќи во моментот постојат само програми за третман на опијатни зависности, но не и за зависности од стимуласи и други видови на психоактивни супстанции кои на голема врата влегуваат во нашата земја поплочувајќи го патот на нова епидемија, како што беше хероинската епидемија во 90тите години од минатиот век. 

Но, покрај искуството со првата т.н. „хероинска епидемија“ и оваа која ни е сега на повидок, во Македонија властите во тридецениското постоење не успеаја да развијат национална програма за превенција која ќе се базира на прифатени стандарди за превенција. Кампањи од типот „Кажи не на дрогата“ или „Стоп за дрогата“ не само што не даваат ефект, туку служат за потсмев кај младите кои се таргетирање од овие кампањи и само ја зајакнуваат стигмата и предрасудите наместо да ги зајакнат децата и младите со вештини за резилиентност.

Затоа, со цел да се поддржи наместо да се казнува мора да се преземат сите мерки, активности и дејствија со кои ќе се воспостави еден систем кој ќе го овозможи се ова наведено погоре.

Авторката е правничка и активистка за заштита на човековите права

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни