„Под земја полесно се дише“ ја затвори деценијата: палката им ја предава на новата генерација

Јубилејното 10-то издание минатата година во гаражите зад Соборен беше последен „колективен здив“ на фестивалот што со години ја држеше независната сцена жива – валкана, гласна и непокорна.
Foto: КУЛА, Facebook

Во гаражите под плочникот зад Соборниот храм, минатата година се одржа јубилејното 10-то издание на „Под земја полесно се дише“ – уникатен уметничко-музички настан што со текот на годините стана култно обележје на независната уметничка сцена во Скопје.

Ова издание претставуваше симболичен финиш на една декада исполнета со бунт кон меинстрим сцената – деценија во која „подземјето“ не беше само локација, туку став. Од гаражи, студ и импровизирани услови, до изложби и концерти што ги мешаа жанровите и ги рушеа очекувањата, „Под земја“ создаваше простор каде културата не чекаше дозвола: се случуваше – гласно, чудно, искрено и непокорно.

Во својата објава, организаторите се простуваат без патетика, но со јасна порака: фестивалот никогаш не беше „настан“, туку „состојба“ – колективен здив и привремено прибежиште за сите што сакаа да експериментираат, да грешат и да не чекаат „зелено светло“. Тие потсетуваат дека зад себе оставаат години на „валкана уметност и чиста намера“, нови начини на гледање и делување, како и сцена што ја оставаат „отворена, жива и недовршена“ – токму за помладите генерации кои допрва ќе рушат и градат „под и над земја“.

„Не го гасиме светлото, само ја менуваме фреквенцијата“, порачуваат, најавувајќи продолжување во нови авантури и форми. А на оние што чувствуваат дека нешто недостига, им враќаат едноставен предизвик: „Тоа веројатно сте вие. Влезете, извалкајте се, оставете трага.“

Трн потсетува дека ова не е само збогување, туку и наследство – културен отпечаток што останува како доказ дека независната сцена може да создава свои правила, свои простори и свој јазик. На крајот, ја споделуваме и видео-архивата како потсетник на уметноста и енергијата што „Под земја полесно се дише“ ја остави зад себе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни