Почнува новата сезона од фудбалската Лига на шампиони

освојувачот на Лигата на шампиони може да инкасира скоро 90 милиони евра само од премиите, а тука не спаѓаат средствата од ТВ права, влезници, спонозори…

Со првите шест меча од првото коло вечерва започнува новата сезона на фудбалската Лига на шампиони, по втор пат во новиот формат што беше воведен минатата година, а титулата ја брани Пари Сен Жермен.

Наместо осум групи со по четири екипи, воведена е лигашка фаза со 36 екипи. Секој клуб игра осум натпревари против ривали од четири различни шешири, што носи повеќе директни дуели меѓу европските гиганти веќе во првата фаза. Така, Реал Мадрид ги доби Ливерпул и Манчестер Сити, додека ПСЖ игра против Барселона и Баерн.

Првите осум екипи по лигашката фаза одат директно во осминафиналето, а следните 16 влегуваат во плејофот. Натпреварувањата оваа сезона се отвораат со дерби натпревари, Челзи, новиот светски шампион, гостува кај Баерн, ПСЖ игра против Аталанта, Ливерпул го пречекува Атлетико Мадрид, додека во четврток Њукасл ќе игра против Барселона, а Манчестер Сити против Наполи.

Новата Лига на шампиони има буџет од дури 2,5 милијарди евра. Од тоа, секој учесник првично добил 18,6 милиони евра, што е вкупно 670 милиони евра или 27,5 проценти од буџетот.

Дополнителни 35 проценти, или 835 милиони евра, се поделени врз основа на маркетингот и историскиот рејтинг на клубовите. Што се однесува до распределбата на средствата според бројот на освоени бодови, таа изнесува 914 милиони евра или 37,5 проценти.

Освоен бод носи 700 илјади евра за секој клуб, а победа 2,1 милион евра. Пласманот понатаму обезбедува уште еден милион евра, осминафиналето дополнителни 11 милиони, четвртфиналето 12,5 милиони, полуфиналето 15 милиони и финалето 18,5 милиони евра.

Победникот добива уште 6,5 милиони евра, а со триумфот му се загарантирани и дополнителни 4,5 милиони евра за настап во Европскиот Суперкуп.

Со тоа, освојувачот на Лигата на шампиони може да инкасира скоро 90 милиони евра само од премиите, а тука не спаѓаат средствата од ТВ права, влезници, спонозори…

Финалето на Лигата на шампионите е закажано за 30 мај 2026 година на Пушкаш Арената во Будимпешта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни