Неделата на франкофонски филм почнува вечерва во Кинотека

Манифестацијата што ја организираат Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција ќе трае до 4 април, со проекции од повеќе земји-членки на Франкофонијата.

Неделата на франкофонски филм почнува вечер во Кинотека со проекција на филмот „Склоност кон пораз“ од Лени и Арпо Гит, а манифестацијата ќе трае до 4 април во организација на Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со амбасадите на земјите-членки на Меѓународната организација на Франкофонијата.

На отворањето се најавени обраќања на амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, и амбасадорот на Белгија во Софија, Пол Ламбер. За првата проекција влезот е слободен.

Во рамки на програмата, публиката до 4 април ќе може да ги гледа и филмовите „Кога доматите се сретнаа со Вагнер“, документарен филм на Маријана Економу, во организација на Амбасадата на Грција, „Тивок бунт“ на Мари-Елса Сгуалдо, во организација на Амбасадата на Швајцарија, „Приказната за Сулејман“ на Борис Лојкин, во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, „Родео“ на Жоел Дежарден Пакет, во организација на Амбасадата на Канада, како и „Приказна од минатото“ на Димитер Анагности, во организација на Амбасадата на Албанија.

Фестивалот ќе биде затворен со проекција на филмот „Марија, кралицата на Романија“, во организација на Амбасадата на Романија.

Сите филмови ќе бидат прикажани со превод на македонски јазик, а за дел од насловите од нефранкофонско говорно подрачје е обезбеден и превод на француски јазик. Влезниците за проекциите се резервираат и подигнуваат во Кинотека.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни