Во Исламабад Иран и САД бараат решение за крај на војната

Иран и САД започнаа директни преговори во Пакистан за ставање крај на конфликтот, а Техеран постави два клучни услови за договор

Преговорите меѓу Иран и САД за ставање крај на војната официјално започнаа во Исламабад, со посредство на Пакистан, што се смета за еден од најзначајните дипломатски обиди за стабилизирање на регионот во последните децении. Според иранските медиуми, разговорите се одвиваат во хотел во главниот град, а фокусот е ставен на клучни прашања како што се ослободувањето на замрзнатата иранска имот и условите за примирје во Либан.

Техеран поставил два главни услови за вклучување во преговорите, при што првиот се однесува на деблокирање на иранските финансиски средства кои се наоѓаат во странство, услов што според извештаите веќе бил прифатен од американската страна, додека вториот се однесува на ситуацијата во Либан, каде Иран не смета дека постои целосно примирје поради продолжените напади на Бејрут и јужните делови на земјата.

Паралелно со политичките разговори, преговорите веќе преминале и на експертско ниво, со вклучување на специјализирани тимови од двете страни кои работат на деталите на можниот договор.

Во американската делегација учествуваат потпретседателот Џеј Ди Венс, специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, додека иранската страна ја предводат претседателот на парламентот Мохамед Багер Галибаф, министерот за надворешни работи Абас Арагчи и високиот функционер за национална безбедност Али Багери Кани.

Иако се очекува процесот да биде сложен и долг, овие разговори се оценуваат како најважни од 1979 година наваму, со оглед на тоа што се одвиваат во чувствителен момент по неодамнешното двонеделно примирје и во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток.

Исходот од преговорите ќе биде клучен не само за односите меѓу Иран и САД, туку и за стабилноста на целиот регион, додека меѓународната заедница внимателно ги следи сигналите што доаѓаат од Исламабад.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни