По трагедија во Карпош: Едно лице задржано во полиција, ОЈО со интензивна истрага и обдукција

По трагедијата во Карпош во која загинаа мајка и малолетно дете, едно лице е задржано, а ОЈО Скопје презема обемни истражни дејствија и собира докази

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека активно постапува за целосно расчистување на трагедијата во скопската населба Карпош, во која по пад од висококатница животот го загубија мајка и малолетно дете.

Во рамки на предистражната постапка, едно лице е задржано во полициска станица, а се преземаат дејствија за утврдување на евентуална кривична одговорност.

По наредба од судија на претходна постапка издаден е налог за детален претрес на станот. По извршениот увид, станот е запечатен и обезбеден. Според првичните информации од обвинителството, во моментот на настанот мајката и детето биле сами во станот, кој бил заклучен одвнатре.

Во текот на денот се сослушуваат повеќе лица, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони, како и обезбедување снимки од видео надзор и други записи од неколку локации. Наредена е и обдукција на починатите.

Паралелно, обвинителството побарало детални информации од Министерството за внатрешни работи и од Центарот за социјална работа за евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената. Најавена е и внатрешна контрола во МВР за проверка на постапувањето по тие пријави.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни