По големиот комеморативен митинг одржан на 1 ноември во Нови Сад, студентите од сите универзитети во Србија подготвуваат нови протести во рамките на својата борба за распишување предвремени парламентарни избори.
Како што објави Nova.rs, плановите за овој месец се изменети поради поддршката што студентите ѝ ја даваат на Дијана Хрка, мајка на трагично загинатиот Стефан Хрка, која веќе неколку дена штрајкува со глад пред српското Собрание.
„Имаме подготвен план за нови протести и ништо не е стопирано – само сме се пренасочиле на нешто што сега е поважно: да ѝ помогнеме на Дијана и да ја поддржиме во нејзината борба“, изјавија студентите од Универзитетот во Нови Сад.
Иако за ноември биле предвидени неколку поголеми собири, тие се одложени до понатамошно известување. Како можен датум за следниот протест се споменува 29 ноември, годишнината од почетокот на студентските блокади.
Покрај барањето за избори, студентите подготвуваат и политичка програма и заеднички настап. „Списокот е готов, а сега ја оформуваме платформата што ќе ги обедини сите универзитети“, велат претставниците на движењето.
Од Универзитетите во Белград и Нови Сад нагласуваат дека заедничка изјава ќе биде објавена дури откако сите пленуми ќе се усогласат околу идните активности.
