По драмата на српска граница, утре концерт на Северина во Крива Паланка

Хрватската пејачка Северина Вучковиќ вчера предизвика големо внимание на социјалните мрежи поради инцидентот на српската граница, каде што, според нејзините зборови, била детално испрашувана и задржана неколку часа од српската гранична полиција. Во својата објава на социјалните мрежи, таа изјави дека повеќе нема да патува во Србија додека „диктаторот е на власт“, но повика на воздржаност од хрватските гранични служби во однос на српските граѓани.

Сепак, и покрај овие настани, Северина останува во фокусот на јавноста, особено со нејзините настапи. Утре, на 29 август, таа ќе настапи на Градскиот плоштад во Крива Паланка, како главна ѕвезда на фестивалските прослави по повод патрониот празник на општината „Свети Јоаким Осоговски“ и Денот на рударите – 28 август.

Мега популарната пејачка е позната по своите енергични сценски настапи и безвременски хитови, кои привлекуваат публика од сите генерации. Очекувањата за овој концерт се големи, а веќе се најавени голем број посетители и гости од цела Македонија и од регионот.

Настанот ќе биде дел од „Кривопаланечко културно лето“ и манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“. Претходно ќе настапи Давид Темелков со својот хит „Мојата Македонија“, а вечерта ќе биде затворена со концерт на енергичните BRASS Brothers. Се очекува вечерта да биде вистински спектакл, исполнет со музика и забава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни