Со користење на современи методи на скенирање, на пирамидата на фараонот Менкауре, откриени се две шуплини исполнети со воздух, со различни големини.
Научниците веруваат дека пронашле остатоци од скриен влез во древната пирамида на фараонот Менкауре во Египет. Таа е најмалата од трите главни пирамиди во познатиот комплекс во Гиза, изградена околу 2510 година п.н.е. и висока е 60 метри, објавува „Дејли меил“.

Изградена е како гробница на фараонот Менкауре од Четвртата династија, кој починал во 2503 година п.н.е. од непознати причини. Неговиот саркофаг исчезнал во морето во обидот да биде транспортиран до Британскиот музеј во Лондон. Трговскиот брод „Беатриче“, што го носел саркофагот исчезнал под необјаснети околности откако го напуштил пристаништето во Малта во 1838 година.
Истражувачи од Египет и Германија ја проучувале пирамидата користејќи современи методи на скенирање и откриле две скриени шуплини исполнети со воздух, со различни големини и на различни висини, што укажува на постоење на влез кој бил откриен дури околу 4.500 години по изградбата на пирамидата.
Кристијан Грос, професор на Техничкиот универзитет во Минхен, го нарече ова „важно откритие“.
„Методологијата за тестирање што ја развивме овозможува многу прецизни заклучоци за внатрешната структура на пирамидата. Хипотезата за друг влез е многу веројатна, а резултатите нè доближуваат еден чекор до нејзината потврда“, рече Грос во студија објавена во списанието NDT & E International.

Главниот влез во Менкауровата пирамида е на северната страна, но експертите веруваат дека друг би можел да биде на источната страна, свртен кон реката Нил. Тие истакнуваат дека гранитните блокови на тој дел од источната фасада се „невообичаено мазни“, како да биле внимателно полирани. Полирани камења се наоѓаат и на главниот влез на северната страна, па истражувачите сугерираат дека ова е дополнителен доказ дека постоел втор влез.
