Ако влезеш нелегално во Европа или твоето барање за азил е одбиено, немаш право да бидеш во Европа и мора да се вратиш во твојата земја, рече министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис, при неговото пристигнување на неформалниот совет на министри за внатрешни работи и миграција во Копенхаген, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на тоа како ќе функционираат центрите за враќање, Плеврис посочи дека треба да бидат и вон Европската Унија и вон Европа, а за мерките што ги презеде Грција објасни дека се поради зголемените мигрантски бранови кон Крит од Либија, но и дека се потребни решенија и во европски рамки.

„Во Грција ќе имаме нов закон. А овој закон вели дека ако твоето барање за азил е одбиено и не се вратиш во твојата земја, тоа е кривично дело и се соочуваш со две до пет години затвор. Значи, пораката е: Ако си нелегално во нашата земја, имаш две опции. Затвор или враќање“, рече Плеврис.
Со амандманот што пред десет дена го изгласа грчкиот Парламент, сите мигранти од северна Африка кои нелегално влегуваат во Грција се апсат и се префрлаат во центри за притвор и немаат право да поднесат барање за азил.