По најавите за затворањето на Плажа Оревче, тимот објави дека страницата ќе биде архивирана, со што симболично се затвора едно од препознатливите места за алтернативна музика, култура и дружење на охридското крајбрежје.
Во својата порака, од Оревче велат дека уште од почетокот сакале да создадат алтернатива на, како што наведуваат, шундот на охридското крајбрежје во летните сезони и дека, и покрај сите предизвици, успеале да ја изградат таа приказна.
Низ годините, на сцената на Оревче настапиле десетици музичари од странство и од регионот, како и стотици домашни артисти, меѓу кои и веќе афирмирани имиња и претставници на новата генерација. Просторот бил домаќин и на првите изданија на Ohrid Beach Film Festival, како и на фестивал посветен на 30 години македонска независна музичка сцена.
Од Оревче се заблагодарија на сите што биле дел од оваа приказна, потсетувајќи дека покрај концертите и културните настани, таму се создавале и пријателства, спомени и моменти што остануваат.
За мало потсетување, редакцијата на Трн го споделува со вас интервјуто со Љубиша Арсиќ, во кое Плажа Оревче ја опишува како израз на сопственото постоење, но и како простор на слобода, култура и автентична летна сцена.