Платформата за родова еднаквост: „Да ставиме точка на семејното насилство – време е за системска промена“

Платформата за родова еднаквост повикува на итна системска реформа и обезбедување реална институционална заштита за жртвите на семејно насилство.

Платформата за родова еднаквост реагира по последниот трагичен случај на семејно насилство во кој животот го загубија мајка и нејзината 6-годишна ќерка, посочувајќи дека ваквите трагедии се резултат на нефункционален систем за заштита кој формално постои уште од 2004 година.

Според Платформата за родова еднаквост, во изминатите повеќе од две децении државата не презела суштински чекори за промена на пасивниот пристап кон овој сериозен општествен проблем. Иако се усвојувале закони, политики и стратегии, тие често не биле проследени со обезбедување на финансиски и човечки ресурси неопходни за нивна реална примена.

Две децении исти системски слабости

Во соопштението се наведува дека поради ваквиот пристап повеќе од 20 години опстојуваат исти системски слабости што ја отежнуваат ефективната заштита на жените кои трпат семејно насилство.

Платформата за родова еднаквост посочува дека проблемот се огледа во занемарена превенција на семејното насилство, неефективни законски механизми за заштита и ограничен пристап до услуги и права за помош и поддршка на жртвите.

„Семејното насилство се случува во домот – местото каде што сите треба да бидеме најбезбедни и најсигурни“, се наведува во соопштението.

Организациите нагласуваат дека, иако постојат примери на навремено и професионално постапување, тие случаи најчесто се исклучок, а не правило. Практиките не се усогласени на ниво на целата држава, соработката меѓу институциите често се сведува на ад-хок комуникација, а континуитетот во постапувањето изостанува.

Секојдневно се пријавуваат повеќе од 15 случаи

Платформата за родова еднаквост предупредува дека последните трагични случаи во Велес, Шуто Оризари и Скопје, како и податокот дека секој ден во полиција се пријавуваат повеќе од 15 случаи на семејно насилство, мора да бидат сериозен аларм за промена на пристапот на државата.

Од таму апелираат до Владата и Собранието претстојното усвојување на Националната стратегија за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство 2026–2033 да го искористат како почетна основа за суштинско подобрување на состојбите.

Повик за поголеми буџетски средства и институционални мерки

Платформата бара Владата како приоритет да го утврди соодветното планирање и распределба на буџетските средства за спроведување на првиот акционен план 2026–2029, со јасно дефинирано и постепено годишно зголемување на средствата за превенција и заштита од насилство врз жените.

Според нив, средствата треба приоритетно да се насочат кон неколку клучни области:
јакнење на капацитетите на центрите за социјална работа и полицијата, преку финансиски, човечки и технички ресурси;
интензивирање на национални кампањи за превенција и подобро информирање на јавноста за формите и последиците од семејното насилство;
воведување задолжителна и континуирана обука за сите практичари кои имаат директен или индиректен контакт со жртвите;
проширување на мрежата на услуги за жртвите, преку поголема институционална поддршка за граѓанските организации;
и системско решавање на егзистенцијалните проблеми на жените што претрпеле насилство, преку финансиска поддршка во периодот на транзиција, бесплатна правна помош, здравствени услуги и долгорочно домување.

Повик за реална, а не декларативна заштита

Од Платформата за родова еднаквост нагласуваат дека последните трагични случаи мора да бидат пресвртница и дека државата мора да премине од декларативни политики кон реална, координирана и финансиски поддржана заштита на жените и децата.

Како организации со долгогодишно искуство во оваа област, тие посочуваат дека стојат на располагање за суштински придонес во креирањето и практичната примена на мерките што ќе овозможат системска промена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни