Планот на Трамп за Украина во 28 точки: Што содржи документот кој може да го промени текот на војната?

Планот на Доналд Трамп за запирање на војната во Украина бара територијални отстапки, ограничување на украинската армија, неутралност и економска соработка со Русија. Прочитајте ги сите 28 точки од предлогот.

Планот на претседателот на САД Доналд Трамп за завршување на војната во Украина предвидува дека Украина би морала да предаде дополнителна територија на исток, да ја ограничи големината на своите вооружени сили и да се согласи никогаш да не влезе во НАТО, според нацртот до кој дошол Axios, чија автентичност ја потврдиле еден украински функционер, еден американски функционер и извор запознаен со предлогот.

Американската страна врши притисок врз Украина да постигне договор во краток рок. Иако планот ги вклучува предлозите кои Украина до сега повеќепати ги одбила, претседателот Володимир Зеленски не ја исклучува можноста да разговара за него.

Висок функционер од Белата куќа призна дека планот „не е лесен“ за Украина, но истакна дека САД сметаат дека војната мора да заврши и дека Украина, ако тоа не се случи, може да загуби уште повеќе територија.

Кои се клучните делови од планот?

Покрај територијалните отстапки од Украина, документот наведува дека во случај на понатамошно руско напредување би следел „одлучен координиран воен одговор“. Не се прецизира каква би била улогата на САД во таквата реакција.

Планот има и економски елементи: дел од замрзнатите руски средства би се користеле за обнова на Украина, санкциите кон Русија би биле укинати, САД и Русија долгорочно би соработувале во области како вештачка интелигенција и експлоатација на минерали, а Русија би се вратила во Г8.

Сите страни би добиле амнестија за постапките за време на војната, што значи дека руските функционери и војници не би можеле да бидат гонети за воени злосторства. Планот предвидува и Украина да организира избори во рок од 100 дена по постигнување на договор. Зеленски во септември истакна дека сака избори по воспоставување примирје.

Детален список од 28 точки

  1. Ќе се потврди суверенитетот на Украина.
  2. Ќе се склучи сеопфатен договор за ненапаѓање меѓу Русија, Украина и Европа. Сите нејаснотии од последните 30 години ќе се сметаат за решени.
  3. Русија се очекува да не напаѓа соседни земји, а НАТО да не се шири понатаму.
  4. Ќе се одржи дијалог меѓу Русија и НАТО, со посредување на САД, за решавање на безбедносни прашања и создавање услови за деескалација и идната економска соработка.

Украина ќе се обврзе дека нема да влезе во НАТО

  1. Украина ќе добие сигурносни гаранции. Американски функционер напоменал дека ова би била првата официјална експлицитна американска гаранција.
  2. Украинските вооружени сили ќе бидат ограничени на 600.000 припадници. Сега имаат 800.000–850.000, а пред војната имаа околу 250.000.
  3. Украина ќе внесе во устав дека никогаш нема да влезе во НАТО, а НАТО во своите статути дека Украина нема да биде примена.
  4. НАТО се обврзува дека нема да распоредува трупи во Украина.
  5. Европски ловечки авиони ќе бидат стационирани во Полска.

Реинтеграција на Русија во глобалната економија

  1. Американските гаранции вклучуваат:
    – САД ќе добијат надомест за гаранцијата;
    – ако Украина ја нападне Русија, гаранцијата се укинува;
    – ако Русија ја нападне Украина, следи одлучен воен одговор, враќање на сите санкции и укинување на сите придобивки од договорот;
    – ако Украина без причина лансира проектил на Москва или Санкт Петербург, гаранцијата престанува.
  2. Украина ќе биде подобна за членство во ЕУ и ќе добие повластен краткорочен пристап до европскиот пазар.
  3. Глобалниот пакет за обнова на Украина вклучува фондови за технологија, вештачка интелигенција, инфраструктура, минерали, енергетика и посебен пакет на Светската банка.
  4. Русија ќе биде реинтегрирана: постепено укинување санкции, долгорочни договори со САД за енергија, инфраструктура, АИ, Арктикот и враќање во Г8.
  5. Замрзнатите средства ќе се користат така што 100 милијарди долари ќе влезат во обнова на Украина, Европа додава 100 милијарди, а остатокот оди во заеднички американско-руски фонд.

Украина останува ненуклеарна

  1. Ќе се формира американско-руска работна група за безбедност.
  2. Русија ќе ја потврди политиката за ненапаѓање.
  3. САД и Русија ќе го прошират валидитетот на договорите за нуклеарна контрола.
  4. Украина се обврзува да остане ненуклеарна држава.
  5. Нуклеарната електрана Запорожје ќе работи под надзор на МААЕ, со поделба на енергија 50:50.

Демилитаризирана тампон-зона

  1. Двете држави ќе спроведат програми за толеранција и заштита на малцинства; Украина ќе ги усогласи правилата со ЕУ; ќе биде забранета „нацистичката идеологија“.
  2. Територии:
    – Крим, Луганск и Доњецк ќе бидат признати како де факто руски (и од САД);
    – Во Херсон и Запорожје се „замрзнува“ линијата;
    – Русија ќе се повлече од некои области;
    – Украина ќе се повлече од дел од Доњецката област кој го контролира – станува тампон-зона под меѓународно признавање како руски територии;
    – Русија нема да влегува во зоната.
  3. Двете земји се обврзуваат да не ги менуваат овие територијални распоредби со сила.
  4. Русија нема да ја блокира украинската трговија по Днепар; ќе се постигне договор за извоз на жито преку Црното Море.

Полнa амнестија

  1. Ќе се формира хуманитарен комитет: размена на сите заробеници, враќање деца и цивили, програми за обединување семејства.
  2. Украина ќе одржи избори во рок од 100 дена.
  3. Сите страни ќе добијат целосна амнестија.
  4. Договорот ќе биде правно обврзувачки под надзор на Совет за мир со Трамп на чело.
  5. Примирјето стапува во сила веднаш по повлекувањето на силите на договорените позиции.

Кој го состави планот?

Планот го составил Трамповиот изасланик Стив Виктоф, со помош на американскиот државен секретар Марко Рубио и Џеред Кушнер. Виктоф се консултирал и со рускиот изасланик Кирил Дмитриев, кој изјавил дека овојпат „руската позиција навистина се слуша“. Путин сè уште јавно не го поддржал планот.

Потоа Виктоф и Кушнер разговарале и со украинскиот советник за национална безбедност Рустем Умеров. Писмениот план бил доставен до Зеленски преку американскиот секретар на копнената војска Дeн Дрискол.

Зеленски: Ги изнесовме нашите црвени линии

По средбата, Зеленски изјави дека е подготвен да разговара за планот со Трамп и неговиот тим. Планот го опиша како „американска визија“, но не и како финален предлог. Украина ги изнесла своите црвени линии и ќе достави забелешки.

Американски функционер рече дека планот е „жив документ“ што може да се менува. Украина позитивно реагирала на многу точки и успеала да внесе дел од своите позиции.

Трамп лично го одобрил планот. „Вложуваме сериозен напор да најдеме решение што ќе ја заврши војната во Украина, како што ја завршивме војната во Газа. Веруваме дека овој план не е лесен, но е добар за Украина“, изјавил висок американски функционер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни