Овој петок (28 февруари) ќе се случи редок астрономски настан, односно седумте планети во Сончевиот систем (Сатурн, Меркур, Нептун, Венера, Уран, Јупитер и Марс) ќе се појават заедно на ноќното небо. Феноменот, познат како големо планетарно порамнување, нуди спектакл за ентузијастите на ноќното небо.
Планетарните порамнувања се случуваат кога повеќе планети се спојуваат на иста страна од Сонцето. Порамнувањата на три до осум планети се случуваат повремено, но истовременото појавување на седум планети во Сончевиот систем е исклучително ретко.
За разлика од совршените формации често прикажани на дијаграмите, планетите никогаш не се навистина наредени во права линија. Сепак, тие се појавуваат по замислена линија, бидејќи нивните орбити лежат на еклиптиката, рамнината околу Сонцето. Повеќето планети орбитираат блиску до таа рамнина, што е резултат на начинот на кој се формираат планетарните системи. Ротирачкиот облак од гас и прашина околу младата ѕвезда се израмнува во диск од кој излегуваат планетите и остануваат во релативно стабилни рамни орбити.
Како да се набљудува настанот?
Видливоста на ова планетарно порамнување зависи од местото и времето. Интерактивните алатки како што се Time and Date и Stellarium нудат прецизни времиња на изгрејсонце и зајдисонце за секоја планета. Sky Tonight, бесплатна мобилна апликација, ги дава позициите на овие планети во порамнување, во реално време и врз основа на вашата локација.
,,Оваа година на крајот на февруари ќе можеме да ги видиме сите пет планети јасно видливи со голо око на ноќното небо, додека Уран и Нептун ќе бидат видливи со помош на двоглед или телескоп. Набргу по зајдисонце, Меркур и Сатурн ќе се наоѓаат ниско на запад, додека Венера ќе биде над нив и малку на југ. Високо на југ во соѕвездието Бик ќе биде Јупитер, а на исток во соѕвездието Близнаци е Марс. Планетата Уран е очигледно блиску до Плејадите, додека планетата Нептун може да се најде со двоглед или телескоп меѓу Венера и Меркур”, истакнува Загребската опсерваторија.
За најдобро искуство сè уште се препорачуваат двоглед или телескоп. Исто така, треба малку однапред да планирате, да ја проверите временската прогноза и да се надевате на ведро небо, за да можете што појасно да бидете сведоци на овој редок астрономски настан.