Пировска: Жените се сѐ почесто мета на насилство и говор на омраза – институциите молчат

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, во најновото издание на шорткастот „Што има ново?“ говори за говорот на омраза, институционалната незаинтересираност и ретроградните политики што ги поткопуваат родовата еднаквост

Во гостувањето за шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, остро реагираше на сè позачестените случаи на насилство и говор на омраза врз жените, особено оние кои се носителки на јавни функции. Таа предупреди дека институционалната пасивност дополнително ги обесхрабрува жените да учествуваат во јавниот и политичкиот живот.

Повод за реакцијата беше неодамнешниот инцидент со градоначалничката Данела Арсовска, за кој Пировска смета дека полицијата не реагирала соодветно.

„Сведоци сме на физички напад врз жена која е на јавна функција, а од снимката не е јасно дека полицијата постапила професионално. Не може ваквото насилство да поминува незабележано“, вели таа, додавајќи дека е неопходна внатрешна истрага за евентуално несанкционирање на нападот.

Пировска посочи дека говорот на омраза, заснован на род и пол, често води до вистински акти на насилство.

„Жените кои се политички ангажирани се редовно цел на коментари поврзани со нивниот изглед, возраст, семејна состојба. Овој вид на дискриминација ја храни атмосферата на нетолеранција и страв“, вели таа, предупредувајќи дека ваквите појави создаваат клима на несигурност и ги обесхрабруваат жените да се вклучат во општествениот живот.

Таа се осврна и на односот на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова кон овие прашања, истакнувајќи дека иако нејзиниот избор предизвика надеж за застапување на женските и ЛГБТИК правата, таа досега не се произнесла јавно за клучните теми поврзани со родовата еднаквост.

„Очекувавме нејзината функција да биде пресврт во борбата за еднаквост, но таа молчи. Тоа молчење зборува многу“, истакна Пировска.

Директорката на Хелсиншкиот комитет ја критикуваше и законодавната иницијатива за воведување верски училишта, што според неа е обид за повторно легализирање на пракса која веќе еднаш беше оценета како противуставна од страна на Уставниот суд.

„Ова претставува директен удар врз секуларноста на државата. Власта не може да ги игнорира одлуките на Уставниот суд и да отвора врата за воведување верски образовни институции во формалниот систем“, потенцира таа.

Пировска во своето гостување упати повик до институциите и јавноста за поактивен отпор кон секаков облик на насилство и дискриминација врз жените и повика на системски мерки кои ќе гарантираат еднаква застапеност и безбедност за сите граѓанки.

Целото интервју со Пировска може да се погледне во најновото издание на шорткастот „Што има ново?“ на платформата ИМА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни