ПИН 2025 со 55 концерти и над 400 учесници: Скопје станува европски центар на новата музичка сцена

Тридневната програма носи концерти, панели, работилници и гости од повеќе од 30 земји.

Скопје од 27 до 29 ноември ќе го пречека новото издание на ПИН – меѓународната музичка конференција и концертен саем што веќе една деценија е водечки регионален центар за музичка размена, професионална соработка и претставување на европските нови сцени. Во Младинскиот културен центар (МКЦ), во текот на три дена ќе настапат 55 музички изведувачи од целиот континент, а над 400 професионалци од 30 земји ќе учествуваат во панел-дискусии, работилници, презентации и средби.

ПИН 2025 и годинава останува на првата позиција како најголем настан од овој тип на Балканот – единствена платформа на која македонската публика и професионалната заедница можат да бидат во директен контакт со музичката авангарда, новите европски трендови и културни политики. Влезот за сите содржини е бесплатен.

Фокус земја: Франција со 9 артисти и 20 делегати

Годинашното издание ја носи Франција како централна земја во фокусот, со девет француски уметници и дваесет делегати кои ќе го претстават новиот француски звук и институционалната поддршка за креативните индустрии. Со тоа, ПИН го отвора прашањето за културна дипломатија и европско прекугранично поврзување преку музика.

Темите што го засегаат целото општество

Конференцискиот дел опфаќа над 30 панели и работилници, со теми што ги надминуваат границите на музичката индустрија и навлегуваат во јавниот интерес: Скопје – Европски град на културата? (панел „From Bid Book to Real Life“); Безбедност на клубови и фестивали; Ментално здравје во музичката и креативната индустрија; Улогата на дијаспората и извозот на култура; Независни фестивалски модели; Нови еколошки стандарди како и европски (не)рамноправности во финансирање, видливост и иновации

Особено внимание привлекува панелот посветен на трагедијата во Кочани, каде експерти од Ирска, Романија, Франција, Грција и Турција ќе зборуваат за безбедносни стандарди, воспоставување системи за превенција и лекциите научени по пожарот „Колектив“ во Романија.

Работилници за практични знаења

ПИН ја задржува и својата практична страна – со работилници што нудат конкретни алатки за музичарите и менаџерите. „Get in the van“ објаснува како независните уметници можат да организираат турнеи без големи буџети, користејќи модели како донации, клубски членства, партнерства и нови форми на самофинансирање.

Дополнително, програмата нуди и Listening Session со преслушување на финалистите на Лузер Фест; работилница за музика во филм, телевизија, анимација и видеоигри, како и брзи професионални состаноци (matchmaking) – формат кој што го олеснува поврзувањето со продуценти, агенции и програмски директори

ПИН како двигател на стандарди и политики

Организацискиот тим на ПИН истакнува дека конференцијата е повеќе од фестивал: „ПИН е место каде конкретни процеси и стандарди можат да се донесат и применат – од безбедност и инклузивност, до стратегија за извоз на култура. Ова е простор на кој се пренесува знаење, но и место каде се создаваат реални промени.“

Настанот се реализира од „Пасворд Продакшн“ како дел од дополнителната програма на фестивалот „Таксират“.

Целосниот распоред на музичката и конференциската програма е достапен на pinconference.mk, како и преку официјалната мобилна апликација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни