Од 4 до 7 септември 2024 г. во Шибеник ќе се одржат петите по ред Денови на македонска култура заедно со десеттата меѓународна средба на писателите „Од остров на земја до остров на море“.
Деновите на македонската култура во Шибеник внесуваат нова културна димензија преку бројните содржини предвидени во оваа манифестација, која се одржува по петти пат. Свеченото отворање ќе се одржи во среда на 4 септември во 19:00 часот во Музејот на град Шибеник, каде ќе бидат присутни истакнати личности од општествениот живот на Хрватска, Македонија, Словенија.
Оваа веќе препознатлива културна манифестација е во организација на невладиното здружение Хрватско-македонска тангента. Посетителите ќе имаат можност да се нурнат во различноста на македонската култура преку низа настани, трибини, предавања и изложби.
Следниот ден програмата продолжува во 10:00 часот во градската библиотека „Јурај Шижгориќ“, Шибеник, каде што ќе се одржи трибината „Трендови во современата култура и уметност“ како дел од културниот настан „Трага од пишани зборови“, а учесници од Македонија се проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска, проф. д-р Владимир Мартиновски и Томислав Османли, писател, од Словенија проф. д-р Намита Субиото, како и поети од Хрватска.
Исто така, на 5 септември на островот Зларин ќе се одржи познатата меѓународна книжевна средба „Од остров на копно, до остров на море“ на која учествуваат поети, писатели, професори, публицисти и новинари. Овој настан во континуитет се одржува од 2014 година.
Програмата предвидува богат литературен корпус каде поети, писатели и публицисти од Скопје, Љубљана, Загреб, Задар, Сплит и Шибеник ќе читаат свои песни или фрагменти од нивните дела.
По тој повод ќе биде промовирана книгата „Градоначалникот на Хипнополис“ од проф. д-р Лидија К.Дракулевска и проф. д-р Владимир Мартиновски од Филолошкиот факултет во Скопје.
Дел од овој настан е посветен на островот Зларин и познатите Весна Парун и Младен Бјажиќ. Во петок, на 6 септември, во Градската библиотека „Јурај Шижгориќ“ во Шибеник, во 19 часот, првпат ќе биде промовиран романот „Заборав“, најновата книга на Томислав Османли, познат македонски писател и драмски автор.
Промотор на најновата книга на Османли ќе биде Лидија Капушевска-Дракулевска. Одломки од романот „Заборав“ во превод на хрватски ќе чита познатиот шибенски поет и водител Никола Урукало.
Во 19:45 ч. креативната сцена ќе ја збогати настапот на сестраниот уметник и писател Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје со изложба „Музички слики“ и неговиот музички перформанс. Мартиновски се занимава со литература, музика и ликовна уметност.
„Деновите на македонската култура остануваат ефикасна и плодна иницијатива и процес кој ги продлабочува врските и ги зајакнува културните односи меѓу Хрватска, Македонија и другите земји во регионот и промовира меѓународно разбирање и дијалог. Впрочем, тоа се темелните вредности на кои се заснова и развива хрватско-македонската тангента“, велат македонските писатели.
Организаторите на Хрватско-македонска тангента најавуваат серија дискусии и предавања кои ќе го истражат општеството и современите предизвици како во Македонија, така и во Хрватска и Словенија.
Денови на македонската култура се одржуваат по повод 8 Септември – Денот на македонската државност.
Покровители се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и градоначалникот на градот Шибеник, д-р Жељко Буриќ, а настанот се реализира со поддршка на Туристичките заедници на градот Шибеник, Шибеничко-книнската жупанија и Зларин, а во соработка со Музејот на град Шибеник и градската библиотека „Јурај Шижгориќ“.