Неодамна во издание на „Артконект“ излезе книгата „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург. Во оваа книга се собрани кратките прозни форми на Наталија Гинзбург чии дела се маркантен дел од современата италијанска книжевност на XX век.
Насловот е дел од проектот „Пораки на надеж: инспиративна европска литература“ што Артконект го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Преводот на македонски го изработи професорката Анастасија Ѓурчинова, која за својот импозантен преведувачи опус двапати ја добила наградата „Златно перо“, а во во 2015 година Министерството за култура на Република Италија ѝ ја додели Националната награда за преведувачки опус и афирмација на италијанската литература во странство.
Кратките романи и расказите собрани во оваа книга се одличен вовед во богатиот опус на Наталија Гинзбург.
Во кратките прозни форми на Гинзбург доминираат темите за семејството, љубовните односи и пријателството. Разработени се низ специфична призма која, иако се одликува со едноставност, всушност е многу комплексна и ни отвора еден богат, уникатен и провокативен книжевен свет.
Ведран Диздаревиќ, книжевен уредник, даде свое мислење за оваа книга.
„Главното задоволство што како читатели го извлекуваме од овие новели и раскази е едно специфично чувство на моќ, помешано со сожалување. Тоа чувство произлегува од нашето посебно место во приказната како читатели и фактот што секогаш знаеме повеќе од нараторот кој ни ја пренесува приказната; тој раскажува однатре, а ние гледаме однадвор; тој е вмешан во приказните што се обидува да ни ги пренесе, а ние сме „само“ обични набљудувачи.“