Пред пет години, група луѓе во Вухан, Кина, се разболеа од вирус што дотогаш не бил виден во светот. Вирусот немаше име, како ни болеста што ќе ја предизвика низ целиот свет. Сè заврши со избувнување на пандемија која ги разоткри сите недостатоци на глобалниот здравствен систем и предизвика големи нееднаквости, а во истовреме го преобликуваше јавното мислење за тоа како да се контролираат смртоносни вируси.
Корона вирусот сè уште е тука, иако човештвото изгради имунитет преку вакцинација и инфекции. Помалку е смртоносен отколку што беше во раните денови на пандемијата и веќе не е на врвот на списокот на водечки причини за смрт. Но, вирусот се развива, што значи дека научниците мора да го следат внимателно, пишува агенцијата АП.
Од каде дојде вирусот?
Научниците сметаат дека најверојатниото сценарио е дека вирусот циркулирал кај птици, како и многу други корона вируси. Сметаат дека потоа заразил друг вид, најверојатно ракун, мачки или бамбусови стаорци, кои ги заразиле луѓето кои ракувале или го колеле овие животни на пазарот во Вухан, каде што се појавија првите случаи кај луѓето во ноември 2019.
Ова е научна загатка која е тешка да се реши дури и под најдобри услови. Напорите станаа уште поголем предизвик поради политичките расправии за потеклото на вирусот и тоа што Кина одби да даде докази кои би можеле да помогнат во истрагата.
Вистинското потекло на пандемијата можеби нема да биде познато уште многу години – ако воопшто биде...
Колку луѓе умреле?
Се проценува дека бројот на умрените е повеќе од 20 милиони. Светската здравствена организација соопшти дека земјите членки пријавиле повеќе од 7 милиони смртни случаи од коронавирус, но се проценува дека вистинскиот број е најмалку три пати поголем.
Коронавирусот сè уште најмногу го погодува постарите луѓе. Минатата зима во САД, според CDC, луѓето на возраст од 75 и повеќе години сочинуваа околу половина од хоспитализациите и смртните случаи предизвикани од коронавирус во болниците во земјата.
Колку вакцини беа достапни?
Научниците и производителите на вакцини го срушија рекордот во брзината на развој на вакцини против коронавирус кои спасиле десетици милиони животи низ целиот свет и биле клучен чекор за враќање на животот во нормала.
Помалку од една година по откривањето на вирусот во Кина, здравствените власти во САД и Велика Британија ги одобрија вакцините на производителите Фајзер и Модерна.
Годините на претходни истражувања – вклучувајќи откритија наградени со Нобелова награда, кои беа клучни за функционирање на новата технологија – им дадоа предност на вакцините засновани на мРНА. Денес постои и традиционална вакцина произведена од Новавакс, а некои земји пробале и дополнителни опции.
Воведувањето на вакцинацијата во посиромашните земји беше бавно, но СЗО проценува дека до 2021 година во светот се применети повеќе од 13 милијарди дози вакцини против коронавирус.
Вакцините не се совршени. Добро ја извршуваат својата работа во спречување на тешки болести, хоспитализација и смрт и покажале многу добра безбедност, со ретки сериозни нуспојави. Но, заштитата од полесни инфекции почнува да ослабнува по неколку месеци.
Како вакцините против грип, вакцината против коронавирус треба редовно да се ажурира за да се усогласи со вирусот кој постојано се развива – што придонесува за фрустрација кај јавноста поради потребата за повторна вакцинација. Во тек се напори да се развијат вакцини на следната генерација, како што се назалните вакцини, за кои истражувачите се надеваат дека ќе блокираат подобро инфекцијата.
Која варијанта е најзастапена сега?
Генетски промени, наречени мутаци, се случуваат кога вирусите сами се копираат. И овој вирус се покажа ист во тоа. Научниците ги нарекоа тие варијанти со грчки букви: алфа, бета, гама, делта и омикрон. Делта, која стана доминантна во САД во јуни 2021, предизвика голема загриженост, бидејќи имала двојно поголема веројатност да предизвика хоспитализација од првата верзија на вирусот. Потоа, крајот на ноември 2021, на сцената излезе нова варијанта: омикрон.
-Се ширеше многу брзо, доминираше за неколку недели. Тоа предизвика голем скок на случаите во споредба со сè што сме имале прилика да видиме досега – рече д-р Весли Лонг, патолог во Хјустон Методист во Тексас.
Што знаеме за таканаречениот долгорочен ковид?
Милиони луѓе се уште се во неизвесност со често невидливото наследство на пандемијата наречено долгорочен ковид. Може да поминат неколку недели за опоравување од ковид, но некои луѓе развиваат подолгорочни проблеми. Симптомите кои траат најмалку три месеци, понекогаш и години, вклучуваат замор, когнитивни проблеми познати како „мозочна магла“ болки и кардиоваскуларни проблеми, меѓу останатото.
Докторите не знаат зошто само некои луѓе долго се болни од ковид. Може да се случи дури и по лесен случај и во било која возраст, иако стапките опаднаа од раните години на пандемијата. Истражувањата покажуваат дека вакцинацијата може да го намали ризикот.
Не е јасно ни што го предизвикува долгиот ковид, што ја комплицира потрагата по лек. Еден важен траг: истражувачите сè повеќе откриваат дека остатките од коронавирусот може да останат во телата на некои пациенти долго по првата инфекција, иако тоа не може да објасни сите случаи.