Перу ја прогласи мексиканската претседателка за непожелна личност

Перу ја прогласи мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум за „persona non grata“, поради азилот што Мексико ѝ го одобри на поранешната премиерка на Перу, Бетси Чавез. Дипломатските односи меѓу двете земји се прекинати.

Конгресот на Перу ја прогласи мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум за „непожелна личност“ (persona non grata), само неколку дена откако владата на Перу ги прекина дипломатските односи со Мексико, кој ѝ одобри азил на поранешната премиерка Бетси Чавез.

Чавез беше премиерка во времето на затворениот поранешен претседател Педро Кастиљо, а Перу ги прекина односите со Мексико откако таа се засолни во мексиканската амбасада во Лима за да побара политички азил.

Мексико: Азилот е одобрен согласно меѓународното право

Мексиканската влада во соопштение наведе дека Чавез добила азил во согласност со меѓународното право, отфрлајќи ги тврдењата на Перу дека тоа претставува „непријателски чин“.

Перуанскиот министер за надворешни работи Уго де Зела за Reuters изјави дека правни експерти го разгледуваат „Каракас протоколот“ од 1954 година, на кој Мексико се повикува како правна основа за доделување на азилот.

„Побаравме анализата да се спроведе брзо, но внимателно и темелно“, рече Де Зела, кој минатиот месец беше назначен од новиот претседател Хосе Јери за шеф на дипломатијата.

Напнатости од времето на Кастиљо

Односите меѓу Перу и Мексико се влошени уште од 2022 година, кога Мексико ѝ одобри азил на сопругата и децата на Кастиљо по неговото апсење.
Кастиљо, кој тогаш се обиде да го распушти Конгресот, сè уште го чека изрекувањето на пресудата, а Де Зела најави дека конечната одлука ќе биде донесена до крајот на неделата.

Бетси Чавез е обвинета за завера поради нејзината улога во наводниот обид за распуштање на Конгресот, и ѝ се заканува казна до 25 години затвор.
Таа беше во притвор од јуни 2023 година, но во септември судот ја пушти на слобода додека судењето сè уште трае.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни