Пепси се повлече од Wireless фестивалот поради настапот на Канје Вест

Компанијата Пепси се повлекува како спонзор на Wireless фестивалот поради настапот на Канје Вест и критиките од британскиот премиер Кир Стармер.

Pepsi објави дека се повлекува како спонзор на британскиот музички фестивал Wireless Festival, кој требаше да го предводи американскиот рапер Канје Вест. Одлуката доаѓа во услови на засилени политички и јавни критики во Обединетото Кралство.

Според The Guardian, Вест сѐ уште нема поднесено барање за влез во земјата, а британските власти имаат можност да му забранат влез доколку проценат дека неговото присуство не е во јавен интерес.

Британскиот премиер Кир Стармер јавно се приклучи на критиките кон фестивалот, оценувајќи дека е „длабоко загрижувачки“ ангажирањето на уметник кој во изминатите години предизвика силни реакции поради антисемитски изјави и контроверзни ставови.

Канје Вест веќе подолг период е во центарот на јавни осуди, откако во повеќе наврати изразуваше симпатии кон Адолф Хитлер и ширеше антисемитска реторика. Дополнително, минатата година објави песна со провокативен наслов „Hail Hitler“, а на неговата веб-страница се појавија и производи со нацистичка симболика.

Фестивалот, кој треба да се одржи во Finsbury Park во јули, сега е доведен под сериозен знак прашалник. Повлекувањето на Пепси како еден од главните спонзори дополнително ја засилува неизвесноста околу неговото одржување.

Во официјална изјава, портпарол на компанијата потврди дека одлуката за повлекување е донесена, без дополнителни детали, но јасно е дека корпоративните партнери стануваат сѐ почувствителни на репутациски ризици поврзани со контроверзни јавни личности.

Случајот отвора поширока дебата за границите на слободата на изразување во музичката индустрија и одговорноста на организаторите и спонзорите, особено кога станува збор за содржини и ставови кои можат да поттикнат омраза или дискриминација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни