За млад човек кој штотуку започнува да заработува, прашањето за пензијата често изгледа неважно или нешто на што треба да се размислува подоцна, кога ќе се стекне стабилна работа. Но, според пензиските друштва КБ Прво пензиско друштво ад Скопје, Сава пензиско друштво ад Скопје и Триглав пензиско друштво ад Скопје, пензијата започнува токму со првиот приход – без разлика дали станува збор за класична плата или за прв хонорар.
Автоматска заштеда преку вториот столб
За младите кои се вработени, системот на задолжително пензиско осигурување овозможува дел од придонесите да се уплаќаат во втор столб.
Секој месец, од бруто-платата се издвојуваат:
- 12,8% во Фондот на ПИОСМ (прв столб),
- 6% во задолжителен пензиски фонд (втор столб),
на индивидуална сметка на осигуреникот.
Овие 6% претставуваат лични средства што се вложуваат на финансиските пазари согласно законските прописи и под надзор на МАПАС. Преку приносите што се остваруваат од овие вложувања, осигурениците со текот на годините акумулираат средства од кои по пензионирањето ќе им се исплаќа пензија, заедно со пензијата од првиот столб.
На тој начин, кај младите вработени процесот на пензиско осигурување започнува автоматски со првата плата, без потреба од дополнителни активности.
Како да штедат фриленсерите и хонорарците?
За фриленсерите, самовработените и младите кои остваруваат приход преку проекти, дигитални услуги или хонорарна работа, ситуацијата е поинаква. За нив најчесто не се уплаќаат придонеси за вториот столб, бидејќи не се во формален работен однос.
Во такви услови, третиот пензиски столб станува главната алатка за градење на пензиска заштеда.
Третиот столб претставува доброволно пензиско осигурување во кое може да членува секој граѓанин на возраст од 15 до 70 години, без оглед дали е вработен, фриленсер, студент или самостоен професионалец. Средствата се уплаќаат во доброволен пензиски фонд, на индивидуална сметка, и се инвестираат слично како во вториот столб.
Кој уплаќа и колку?
Во рамките на третиот столб, уплатите може да доаѓаат од:
- самото лице (на пример, фриленсер кој одлучува дел од својата заработка да ја насочи во пензиски фонд),
- друго физичко лице во својство на уплаќач,
- работодавач или здружение на граѓани преку професионална пензиска шема,
- родител или старател на сметка на малолетно лице.
Во однос на уплатите, нема строго пропишана динамика, тие може да бидат:
- редовни (на пример, месечни или квартални),
- повремени (кога има поголеми приходи),
- комбинирани, зависно од финансиската состојба и плановите на поединецот или на работодавачот.
Во третиот столб нема ограничувања според вид на работен статус – секој што сака доброволно да штеди за пензија може да стане член и да уплаќа кога и колку сака.
Кога може да се користат средствата од третиот столб?
Законот предвидува дека средствата од третиот столб може да се користат 10 години пред навршувањето на возраста за старосна пензија, може да се повлечат и порано, но само во случаи на утврдена општа неспособност за работа.
Сличности и разлики помеѓу вториот и третиот столб
Од аспект на младата популација, клучната разлика меѓу вториот и третиот столб може да се сумира вака:
- Втор столб: автоматска, задолжителна заштеда за вработени лица, преку управување (инвестирање)на придонесите што ги уплаќа работодавачот.
- Трет столб: доброволна и флексибилна заштеда, отворена и за вработени и за невработени, фриленсери, студенти и други граѓани.
Во двата случаи, средствата се чуваат одвоено од имотот на пензиските друштва, кај банки-чувари на имот, и се под надзор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.
Но, за младите кои не се дел од класичен работен однос, третиот столб често е единствениот организиран начин да изградат пензиска заштеда.
Пензијата како дел од финансиската писменост
Една од пораките што пензиските друштва ја испраќаат кон младите преку нивните блог објави на penzija.mk е дека едукацијата за нивните можности, права и обврски во рамки на пензискиот систем е клучна за нивната финансиска стабилност во иднина и затоа мора да започне што поскоро.
Разбирањето на придобивките кои ги нуди доброволното пензиско осигурување, им овозможува да донесуваат зрели финансиски одлуки уште од самиот почеток на нивната кариера.
Искористете ги овие денови на зголемена присутност на финансиските институции во медиумите за да се информирате за се што не ви е доволно познато, за што имате некои непотврдени информации, со тоа што директно ќе се обратите кај соодветната финансиска институција или регулатор за вистинската информација.
За пензиските друштва, посетете ги нивните веб страни: Сава пензиско друштво а.д. Скопје, Триглав пензиско друштво АД Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
ПР
