Пентагон: Нападите на САД само привремено го забавиле иранскиот нуклеарен програм

DIA заклучила дека голем дел од иранските залихи на високо збогатен ураниум биле преместени пред воздушните напади, веројатно на други тајни локации

Почетната проценка на американската одбранбена разузнавачка служба (DIA) покажува дека неодамнешните напади врз иранските нуклеарни објекти не довеле до целосно уништување, како што тврдеше претседателот Доналд Трамп. Според двајца извори запознаени со класифицираниот извештај, нуклеарната програма на Иран е само одложена за неколку месеци.

Извештајот, кој е изготвен врз основа на почетна проценка на штетата од страна на ЦЕНТКОМ (Централна команда на САД), наведува дека клучни компоненти на програмата, вклучително и центрифуги, би можеле да се рестартираат за кратко време.

Ураниумот преместен пред нападите

Покрај тоа, DIA заклучила дека голем дел од иранските залихи на високо збогатен ураниум биле преместени пред воздушните напади, веројатно на други тајни локации. Ова сериозно ја намалува ефективноста на нападите врз Натанс, Фордо и Исфахан.

Иако претседателот Трамп во своето саботно обраќање изјави дека објектите биле „целосно уништени“, податоците од теренот укажуваат на спротивното. Особено објектот Фордо, изграден длабоко под планинскиот масив Загрос, не е уништен – што било познато уште пред операцијата, според претходни анализи на бомбите GBU-57, кои не можат целосно да го пробијат дебелиот слој карпа.

Реакции од Белата куќа и МААЕ

Објавените наоди ја налутија администрацијата на Трамп. Претседателот објави на „Truth Social“: „НУКЛЕАРНИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ИРАН СЕ ЦЕЛОСНО УНИШТЕНИ!“

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека „протекувањето на извештајот е обид да се потцени успехот на мисијата и храброста на пилотите“, додавајќи дека се работи за „совршено изведена операција“.

Меѓутоа, директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, предупреди дека агенцијата веќе не може да ја потврди локацијата на околу 400 кг ураниум збогатен до 60% — што е многу блиску до ниво потребно за производство на нуклеарно оружје.

Внатрешни несогласувања и ограничувања

Според информациите објавени од The Guardian, уште во јануари оваа година, експерти на Пентагонската агенција за намалување на нуклеарни закани предупредиле дека бомбите GBU-57 не се доволни за целосно уништување на Фордо, и дека само тактичко нуклеарно оружје би можело да ја исполни таа цел.

Операцијата, која вклучи 12 „bunker buster“ бомби фрлени од B-2 бомбардери врз Фордо, дополнително поддржана од 30 ракети „Томахавк“ врз Исфахан, била опишана како „успешна“ од страна на министерот за одбрана Пит Хегсет. Но, генералот Дaн Кејн, началник на Здружениот генералштаб, бил поумерен во оценката, наведувајќи дека „штетите се сериозни, но целосната проценка сè уште трае“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни