Пентагон планира да откупи критични ректки минерали во вредност до милијарда долари како дел од глобалниот обид да ја намали кинеската доминација на пазарот на метали кои се клучни за одбранбената индустрија, објави Фајненшал Тајмс повикувајќи се на јавни документи од американската Агенција за одбранбена логистика (DLA).
Забрзаната набавка е дел од пошироката стратегија на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги зајакне националните резерви, откако Кина воведе нови контроли на извозот на ретки земјени метали и поврзани технологии.
Овие суровини, кои се користат во производството од паметни телефони до борбени авиони, се сметаат за стратешки важни за националната безбедност.
Реагирајќи на потегот на Пекинг, американскиот претседател Доналд Трамп во петок најави воведување дополнителни царини од 100 отсто на кинеска стока, со почеток од 1 ноември.
Тој исто така најави и контрола на извозот на клучен софтвер.
Според податоците на Геолошкиот завод на САД, Кина моментално произведува речиси 70 отсто од светската количина на ретки земјени елементи, што Вашингтон го гледа како потенцијално геополитичко средство за притисок.
Според објавените планови, DLA има намера да откупи до 500 милиони долари вреден кобалт, 245 милиони долари антимон од американската компанија US Antimony Corporation, до 100 милиони долари тантал од неименувана американска фирма и до 45 милиони долари скандиум од компаниите Rio Tinto и APL Engineered Materials.
Во рамките на законот “One Big Beautiful Bill Act” (OBBA), администрацијата на Трамп предвиде 7,5 милијарди долари за секторот критични минерали, вклучувајќи 2 милијарди за пополнување на националните резерви до крајот на 2026 или почетокот на 2027 година, како и дополнителни 5 милијарди за инвестиции во синџирите на снабдување и 500 милиони за кредитни програми на Пентагон со цел поттикнување на инвестиции.
Агенцијата за одбранбена логистика е задолжена за создавање стратешки резерви на легури, ретки метали, руда и племенити метали, кои ги складира во депоа ширум Соединетите Американски Држави.
Вредноста на овие резерви се проценува на 1,3 милијарди долари заклучно со 2023 година, заклучува Фајненшал Тајмс.