Пентагон испраќа уште една ударна група со носач на авиони на Блискиот Исток: Со каква сила се соочува Иран?

САД испраќаат уште една ударна група со носач на авиони на Блискиот Исток како дел од стратегијата на „максимален притисок“ врз Иран. Растат тензиите и заканите од двете страни.

Администрацијата на Доналд Трамп ја засилува кампањата на „максимален притисок“ врз Иран, со дополнително воено распоредување во регионот на Блискиот Исток. Покрај ударната група предводена од носачот на авиони USS Abraham Lincoln, која веќе оперира во Персискиот Залив, Пентагон побара подготовка и на втора носачка група, објави „Wall Street Journal“.

Информацијата ја потврди и самиот Трамп, споделувајќи ја статијата на платформата Truth Social.

Втора носачка група во рок од две недели

Според американските медиуми, втората група би можела да биде составена околу носачот USS George H.W. Bush, кој моментално ги завршува воените вежби крај брегот на Вирџинија. По испловувањето, се очекува во рок од две недели да им се приклучи на американските сили во регионот.

„Имаме армада што се движи таму и уште една може да тргне“, изјави Трамп во интервју за Axios.
„Или ќе постигнеме договор, или ќе мора да преземеме многу остри мерки како минатиот пат“, додаде тој.

Моќна воена машинерија

Првата ударна група, предводена од USS Abraham Lincoln, го вклучува воздухопловното крило Carrier Air Wing 9, составено од: ловци F/A-18E Super Hornet, стелт-ловци F-35C, авиони за радарски надзор E-2D Hawkeye, авиони за електронско војување EA-18G Growler и хеликоптери MH-60R/S Seahawk

Носачот е придружуван од најмалку три разурнувачи — USS Spruance (DDG-111), USS Michael Murphy (DDG-112) и USS Frank E. Petersen Jr. (DDG-121) — вооружени со крстосувачки ракети „Tomahawk“.

Во текот на поголемиот дел од конфликтот во Газа и за време на американските операции насочени кон иранските нуклеарни капацитети, Вашингтон веќе одржуваше две носачки групи во регионот.

Тензии и закани од Техеран

Во меѓувреме, Иран се соочи со масовни протести што започнаа на 28 декември и кулминираа на 8 јануари со отворени антирежимски пораки. Според одредени извори, бројот на жртви достигнува и до 30.000, иако овие податоци не се независно потврдени.

Неколку американски сојузници, вклучително и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, јавно соопштија дека нема да учествуваат во евентуални напади врз Иран, стравувајќи од дестабилизација на регионот.

„Секој напад ограничен или неограничен ќе го третираме како сеопшта војна против нас и ќе одговориме со најсилни можни средства“, изјави висок ирански функционер за „Ројтерс“.

Тој додаде дека иранските вооружени сили се подготвени „за најлошото сценарио“, но изрази надеж дека нема да дојде до директна конфронтација.

Иако Вашингтон тврди дека распоредувањето има превентивна цел, новата концентрација на американска воена моќ во Персискиот Залив дополнително ги зголемува геополитичките тензии во веќе нестабилниот регион.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни