Патувањето, женското искуство и слободата

Часот е околу 8 и 40, рано наутро во Будимпешта. По поминатите аеродромски проверки каде сум претресена детално, конечно можам да седнам и  да го чекам авионот за лет назад кон Скопје. Снежната бура го одложува, па во меѓувреме, испраќам некоја фотографија до моите. Правам почетничка грешка и купувам кафе што се продава пет пати поскапо од каде било на друго место. Го пијам во две голтки налутена. Додека сликите, една по една се менуваат и пристигнуваат кај моите, не можам да го извадам од глава впечатокот дека кога стапнувам првпат на некое место, како со мене да стапнува и женската линија од моето семејство која премалку имала можност да ја почувствува таа слобода на заминувањето и непознатото. Пак гледам во малата хартиена чаша во раката замислено. Баба ми без проблем би им го вратила кафето веднаш штом ја чуе цената, се поднасмевнувам во себе.

Секогаш сум била растена во духот на феминизмот, еднаквоста и борбата за сопствената слобода, која сум научила да ја насочувам на неколку места. Патувањето, откривањето нови контексти и светови бил еден од најубавите, но и најкомплексни канали на откривањето на себе, токму преку прашањето за привилегиите, можностите и достапноста на животот кој не со исти почетни услови го  живееме. Добро го знам тоа, затоа и можам да пишувам за него. Низ сите обиди за спознавање, отфрлање на конформизам, притисоци за тоа како стереотипно и во рамка треба да изгледа животот, почнав да се движам наоколу за да дишам послободно. И таа слобода, по некое време почнав да ја гледам како меч со две острици. Колку повеќе се потсетувам дека не сум сама, колку повеќе не се изолирам од контекстот и од светот се запрашувам дали е вистинска слобода?

Ова е поттикнато од размислата за патувањата како недостапност, луксуз и како привилегија, како борба на можности, како натпревар, како тага истовремено. Толку ми е важно да се зборува ова, затоа што и покрај тоа што капитализмот толку смешно сервира дека сега е сосема лесно и едноставно да ѕирнеш нова поставка со неоткриени слики од Пикасо или Миро во Барселона па да тркнеш до Сицилија на плажа, а потоа и до Париз,  мене не ми се чинат баш наивни вака работиве. Ниту на многу мнозинството луѓе. Доаѓам од работничко семејство и овие нешта никогаш не би можела, ниту сакам да ги заборавам, токму затоа што и најголемиот дел од своите патувања сум ги имала во контекст на волонтерски ангажмани, размени и обуки поврзани со знаење. Генерално, моето образование со стипендии  и поддршка од Еразмус ме водело до места кои секогаш сум сакала да ги видам. Ниедна Инстаграм фотографија сепак, не може да го каже тоа, не може да зборува за позадината на авионската карта.

Како жена ништо не ми било толку ослободувачки како движењето и талкањето, но ништо повеќе и не ме оптеретило. Ова не е свет во кој патувањето и организирањето на животот околу нив е достапен и едноставен за сите, особено за жените, кои практично треба да бидат сè, секаде, а најмалку во себе и за себе. Нискиот стандард, невработеност или недоволна платеност, борбата со ужасни работни услови и емоционалното здравје не помагаат. Оттаму, јас не знам како жена работничка која не може да стигне до крајот на месецот, би можела да си дозволи некаква ваква екскурзија или уживање, бидејќи не постои никаква системска поддршка за ранливите групи на кои најмногу им треба, на различни начини. Ова прашање не стигнува ни на ред, затоа што пред ова, се борат со толку многу основни работи за да преживеат.

Повторно, секогаш кога пишувам за ова, се потпирам на своите лични искуства и жените во мојот живот, таа непреболена желба да можат да го имаат светот што го заслужуваат, за кој се обидувам да се борам и самата јас сега од многу поудобна позиција. Во тој свет, она што треба да ја поттикне нашата сила, нашата независност и слобода, нема да е под узди на капитализмот, туку на еднаквите и достапни можности, но таму сме каде што сме. Знаеме добро дека станува збор за радикална општествена промена, а не нешто кое може само да го отсонуваме и да го видиме утре.

Сè уште сум тука, нискобуџетната компанија најавува пристигнување на нашиот авион. Растам преку освестување на моите привилегии и нивно разложување. Од моите први патувања, до сега, како некој кој бил маргинализиран на повеќе основи, ги знам предизвиците со кои сум се соочила, ама и со болката во оваа смисла. Затоа сега секогаш кога сум благодарна за себе, и тоа што можам да седам и да чекам лет кој доцни и ме остава малку повеќе на удобното столче на аеродромот, мислам на тоа како прашањето за патувањето, слободата и женското искуство е и класно, општествено прашање кое се затајува преку многу други елементи. И искрено, учам. Гледам, мислам, се лутам и замислувам нешто поинакво од ова. Свет и систем што не е амбивалентен.  Свет и живот надвор од капитализмот, кој ќе го трансформира и нашето женско искуство, номадизам и слободарење.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни