Војната со Иран ги празни „Патриотите“ за Украина

Анализа на „Волстрит џорнал“ предупредува дека конфликтот на Блискиот Исток ги троши пресретнувачите што ѝ се клучни на Украина за одбрана од руските ракети.

Русија би можела да биде еден од најголемите добитници во раната фаза од војната меѓу САД, Израел и Иран, бидејќи новиот конфликт ги троши залихите на пресретнувачи „Патриот“ кои се клучни за воздушната одбрана на Украина, пишува „Волстрит џорнал“.

Дури и пред ескалацијата со Иран, Украина веќе се соочуваше со недостиг од муниција за системот „Патриот“. Ограниченото производство на овие ракети доведе до исцрпување на украинските резерви, а европските сојузници се соочуваат со листи на чекање што се протегаат со години.

Недостатокот на пресретнувачи ѝ овозможува на Русија полесно да пронајде празнини во украинската воздушна одбрана и да продолжи со напади врз енергетската инфраструктура и градовите.

Во меѓувреме, војната со Иран дополнително ги троши американските и сојузничките залихи. Во раните денови од конфликтот, САД и земјите од Персискиот Залив лансирале стотици пресретнувачи за да одбијат ирански ракети и беспилотни летала.

Аналитичарите предупредуваат дека земјите од Заливот имаат резерви доволни само за неколку дена интензивни напади. Тоа би можело да го принуди Вашингтон да пренасочи муниција од други региони, вклучително и од Индо-Пацификот.

Според американските воени претставници, Иран од почетокот на кампањата лансирал повеќе од 500 балистички ракети и околу 2.000 беспилотни летала.

Во 2025 година, САД произведоа нешто повеќе од 600 пресретнувачи PAC-3, најнапредната верзија на ракетите „Патриот“ произведени од „Локид Мартин“. За уништување на една балистичка ракета често се користат два или повеќе пресретнувачи, а производството на една ракета може да трае со месеци.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека муницијата за воздушна одбрана е од клучно значење.

„За нас ова е прашање на живот и смрт“, изјави Зеленски, додавајќи дека разговарал со европските партнери за тоа дали конфликтот со Иран дополнително ќе го ограничи снабдувањето.

Според украинските воздухопловни сили, земјата има потреба од најмалку 60 пресретнувачи месечно само за да го одржи сегашното темпо на одбрана од руските балистички ракети.

Недостатокот на муниција може да има и политички последици. Европски и украински преговарачи предупредуваат дека западните безбедносни гаранции за Киев во голема мера зависат од зајакнувањето на неговата воздушна одбрана.

Во исто време, Русија продолжува да користи стотици беспилотни летала „Шахед“, првично развиени во Иран, кои Москва сега ги произведува масовно по договор за трансфер на технологија со Техеран.

И покрај огромната побарувачка, производството на системите „Патриот“ останува релативно бавно. „Локид Мартин“ планира да го зголеми производството на околу 2.000 пресретнувачи годишно до крајот на деценијата.

Некои аналитичари предупредуваат дека САД и Европа направиле стратешка грешка со тоа што не го зголемиле производството на системи за воздушна одбрана порано.

„Имаа четири години да го сторат тоа. Сега сме ранливи и сите го знаат тоа“, изјави поранешниот германски одбранбен функционер Нико Ланге.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни