Партиите во Гренланд обединети му порачаа на Трамп: За Гренланд одлучуваат Гренланѓаните

Гренландските политички партии заеднички одговорија на претензиите на Доналд Трамп, нагласувајќи дека иднината на островот може да ја одреди само гренландскиот народ.

Гренландските политички партии во петокот покажаа единство во одговорот на претензиите на американскиот претседател Доналд Трамп кон големиот арктички остров. „Не сакаме да бидеме Американци, не сакаме да бидеме Данци – сакаме да бидеме Гренланѓани“, се наведува во заедничката изјава потпишана од пет партии во гренландскиот парламент Инатсисартут.

Партиите ги повикаа Соединетите Американски Држави да го прекинат, како што го нарекоа, „презирот кон нивната земја“ и нагласија дека „за иднината на Гренланд мора да одлучува гренландскиот народ“.

Трамп вчера повторно ги изнесе своите претензии кон Гренланд, тврдејќи дека САД мора да дејствуваат за да спречат Кина или Русија да преземат контрола врз стратешки важниот арктички остров.

„Ако не оди полесно, ќе оди потешко“

Обраќајќи им се на новинарите за време на настан во Белата куќа, Трамп изјави дека Вашингтон ќе направи „нешто“ во врска со Гренланд, сакале тоа другите или не.
„Затоа што ако ние не го направиме тоа, Русија или Кина ќе го преземат Гренланд, а ние не сакаме да имаме Русија или Кина за соседи“, рече тој.

„Би сакал да постигнеме договор, знаете, на полесен начин. Но ако не оди на полесен начин, ќе оди на потешкиот начин“, додаде Трамп.

Американскиот претседател повеќепати изјави дека сака островот, кој ѝ припаѓа на данската сојузничка во НАТО, да биде ставен под американска контрола, повикувајќи се на неговата стратешка важност и на, како што тврди, зголеменото присуство на руски и кинески бродови во регионот.

Не ја исклучи ни употребата на сила

Неговите изјави предизвикаа загриженост бидејќи тој не ја исклучи можноста за воена или економска присила. Гренланд е во најголем дел покриен со мраз и има околу 57.000 жители.

Данската влада остро ги отфрли тврдењата на Трамп. Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, предупреди дека евентуален американски напад врз Гренланд би значел крај на НАТО и на безбедносниот поредок воспоставен по Втората светска војна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни