Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, за првпат во приватна аудиенција го прими претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во придружба на сопругата Олена.
– Ви благодарам за трпението поради чекањето. Морав да ги поздравам сите делегации кои присуствуваа на инаугуративната миса, им рече папата дочекувајќи ги, се гледа на видео снимката што ја објави Ватикан.
На крајот на мисата со која беше одбележан почетокот на неговиот понтификат, на која присуствуваа и шефови на држави, вклучувајќи го и Зеленски, Лав XIV јавно ги изговори зборовите дека „Украина конечно чека преговори за праведен и траен мир“.
Украинскиот претседател на социјалните мрежи изрази благодарност на Неговата Светост за аудиенцијата.
– За милиони луѓе ширум светот, Понтифот е симбол на надеж за мир. Авторитетот и гласот на Светата Столица можат да играат важна улога во доведувањето на оваа војна до крај. Му благодариме на Ватикан за неговата подготвеност да служи како платформа за директни преговори меѓу Украина и Русија. Подготвени сме за дијалог во секој формат со цел опипливи резултати. Ја цениме поддршката за Украина и јасниот глас во одбрана на праведен и траен мир, напиша Зеленски.