Папата Лав денеска ја истакна неопходноста од континуиран дипломатски дијалог како единствен пат кон „праведен и траен мир“ во Украина, по неговата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во папската резиденција Кастел Гандолфо. Средбата доаѓа во клучен момент за Киев, кој се обидува да ја балансира американската мировна понуда, оценета како поповолна за Москва, со поддршката од европските партнери.
Според соопштението од Ватикан, Папата Лав повторил дека дијалогот мора да продолжи без одлагање, нагласувајќи ја својата желба актуелните дипломатски напори да резултираат со решение што ќе ја почитува праведноста, суверенитетот и трајната безбедност на Украина.
На средбата се разговарало и за една од најосетливите теми односно воените заробеници и илегално одведените украински деца, прашање во кое Светата Столица има посредувано повеќе пати меѓу Киев и Москва. Ватикан нагласи дека враќањето на децата на нивните семејства останува приоритет.
Зеленски се сретна со Папата во Кастел Гандолфо, 30 километри од Ватикан, во рамки на неговата дипломатска турнеја низ Европа. Подоцна денеска украинскиот претседател ќе се состане и со италијанската премиерка Џорџа Мелони во Рим.
Посетата на Зеленски на Италија е дел од пошироката стратегија да се зацврсти европската поддршка во момент кога САД предлагаат мировен договор кој, според дел од украинските и европските аналитичари, би ѝ дал сериозни територијални концесии на Русија. Киев се обидува да изгради заедничка европска позиција пред секое можно финализирање на американско-рускиот рамковен договор.
