Хонгконшкиот конгломерат CK Hutchison поседува 90% од компанијата Panama Ports Company, која врз основа на 25-годишна концесија управува со пристаништата Балбоа и Кристобал на источниот и западниот влез од каналот. Концесијата беше обновена во 2021 година.
Во март годинава CK Hutchison прелиминарно се договори за продажба на двете пристаништа на конзорциум предводен од американскиот инвестициски гигант BlackRock и бродската компанија MSC, во сопственост на италијанскиот милијардер Џанлуиџи Апонте.
Судски спорови и критики од Панама и Кина
Неколку недели пред тоа, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака САД повторно да преземат контрола врз Панамскиот канал поради, како што рече, „силното кинеско влијание во регионот“.

Сепак, реализирањето на трансакцијата беше забавено од критики од Пекинг, кој покрена истрага за утврдување на усогласеноста со антимонополските регулативи, како и од панамската страна, која од CK Hutchison побара документација со цел ревизија на концесискиот договор.
Овој период, канцеларијата на панамскиот ревизор поднесе две тужби до Врховниот суд, барајќи договорот за продажба да се прогласи за неуставен, а концесискиот договор да се поништи, нагласувајќи дека при неговото потпишување не била почитувана законската процедура ниту била побарана согласност од ревизорот.
Мулино не гледа иднина за Panama Ports
Ревизорот претходно го критикуваше договорот поради сомнежи за нерегуларности во времето на претходната влада, како и поради недоволниот удел на Панама во приходите, но сè уште не се објавени целосните наоди од последната ревизија.
„Во моментов не гледам простор за продолжување на договорот со компанијата Panama Ports, дури и со можни измени и дополнувања“, изјави претседателот Мулино на прес-конференција. Тој додаде дека ќе го почекаат исходот од судските постапки.
Модел на јавно-приватно партнерство
Панамската влада смета дека јавно-приватно партнерство е вистинскиот модел за управување со пристаништата, а истиот принцип би можел да се примени и за управување со рудникот за бакар кој до 2023 година беше под управа на канадската компанија First Quantum Minerals, пред Врховниот суд да го прогласи договорот за неуставен.
Кина покажува интерес преку државна бродска компанија
Планот за управување со пристаништата и рудникот во соработка со панамската држава засега е само рамковна идеја, појасни Мулино.
Во меѓувреме, CK Hutchison потврди дека преговара со купувачкиот конзорциум за вклучување на стратешки кинески инвеститор, за да се добие зелено светло од кинеските регулатори. Некои извори наведуваат дека интерес покажала кинеската државна бродска компанија COSCO.

Соработка со Кина и дипломатски контакти
Според весникот Global Times, кинескиот амбасадор во Панама Сју Сјуејуан се сретнал пред три дена со директорот на Управата за Панамскиот канал, Рикаурте Васкез Моралес, и со неговата заменичка Илиа Еспино де Марота.
Амбасадорот изјавил дека Кина цврсто ја поддржува Панама во одбраната на нејзиниот суверенитет над каналот и изразил подготвеност за соработка за да остане каналот отворен и непречен за светскиот сообраќај.
Директорот на Панамскиот канал, пак, истакнал дека сакаат да ја продлабочат соработката со Кина, особено во размена на знаење во поморството и бродарството, при што напомена дека Кина е втор најголем корисник на Панамскиот канал.