Поминаа 30 дена од почетокот на војната на Блискиот Исток, а тензиите не само што не стивнуваат, туку дополнително се заоструваат, отворајќи нови дипломатски и безбедносни предизвици.
Еден од последните потези на Израел предизвика незадоволство дури и кај неговите сојузници. Израелските власти им забранија влез на високи католички претставници и ја оневозможија мисата за Цветници во црквата на Светиот гроб во Ерусалим, што предизвика критики од меѓународната заедница.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека слободата на вероисповед мора да биде загарантирана за сите религии во Ерусалим, додека американскиот амбасадор во Израел ја оцени одлуката како тешко разбирлива и неоправдана.
Во меѓувреме, Пакистан најави можна дипломатска иницијатива. Министерот за надворешни работи Ишак Дар соопшти дека неговата земја наскоро би можела да биде домаќин на преговори меѓу САД и Иран. Сè уште не е познато дали разговорите ќе бидат директни или индиректни, а официјални потврди од Вашингтон и Техеран засега нема.
Дар ја даде изјавата по состанокот во Исламабад, каде што се сретнаа високи претставници од Турција, Египет и Саудиска Арабија со цел да се пронајде решение за конфликтот.
На терен, ситуацијата останува напната. Иранските власти соопштија дека напади врз електроенергетската инфраструктура предизвикале прекини во снабдувањето со струја во делови од Техеран и покраината Алборз. Според официјални информации, оштетени се далекуводи и трансформаторски станици, но властите тврдат дека работат на брзо нормализирање на состојбата.
Паралелно со тоа, конфликтот продолжува да се шири и во други сегменти – од воени напади и дронови, до протести во повеќе градови ширум светот.
Додека дипломатските напори се засилуваат, останува неизвесно дали најавените разговори ќе доведат до деескалација или само до нова фаза на геополитички притисоци.