„Ви велам, наши пријатели ширум Блискиот Исток…овој режим што не држеше како заложници речиси половина век мора да замине“, рече тој во видео изјавата на X. „Знам дека може да се плашите дека промената може да донесе хаос. Но, не плашете се, нема да дозволиме вакуум на моќ да го следи колапсот на режимот“.
Пахлави со години повикува на пад на сегашните ирански власти, апелирајќи главно до западните влади. Меѓутоа, неговата неодамнешна порака е упатена до регионалните сили и е објавена не само на англиски, туку и на хебрејски и арапски.
Ваквата негова изјава е спротивставување на тврдењето на иранските власти дека тие ја водат битката против Израел и САД во име на народот на муслиманите на Блискиот Исток и пошироко.
„Исламската Република поттикна секташки конфликти во Сирија, Ирак, Либан… Таа ги користи Палестинците како жив штит“, рече Пахлави. „Тиранинот во Техеран ја потпира својата воинственост на иранскиот национализам. Но, тој не зборува за нашата нација“.
Изјавата доаѓа додека Израел ги разгледува своите опции да возврати на ракетниот напад на Иран од 1 октомври. Еден ден претходно, прогонетиот принц изрази оптимизам дека штом ќе биде отстранета Исламската Република, може да има мирни односи меѓу Иран и Израел.
„Крајот на овој режим ќе значи крај на сите овие проблеми“, рече Пахлави во интервју за Фокс њуз во неделата.
Денеска се одбележа една година откако силите на Хамас упаднаа во јужен Израел, убивајќи неколку стотици цивили и зедоа 250 заложници. Оттогаш, Израел изврши опсежни операции во Газа, убивајќи повеќе од 40.000 Палестинци, според здравствените власти на енклавата.
Иранските водачи го пофалија Хамас за нападот, тврдејќи дека земјата немала никаква улога во неговото планирање или извршување. Како и да е, безрезервната поддршка на Иран за вооружените групи кои се борат против Израел го стави на курс на судир со Израел.
„Ако тие предизвикаат поголема ескалација… тоа ќе создаде неверојатен економски шок за нацијата што нема да биде од корист ниту за самиот режим“, рече Пахлави.