Пад на цените од 0,7%, но не и на сметките: Што покажуваат новите податоци на ДЗС?

Транспортот поевтини за 9,3%, но раст има кај домувањето, водата и струјата. Индексот на трошоците на животот е повисок за 3,2% споредено со лани.

Во јануари 2026 година е регистрирана дефлација од 0,7 проценти во однос на претходниот месец, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Тоа значи дека индексот на трошоците на животот во споредба со декември 2025 година е намален за 0,7 отсто.

Најголемо влијание врз месечното намалување на цените има групата Транспорт, каде е забележан значителен пад од 9,3 проценти. Намалување на трошоците има и кај Информации и комуникации (–1,6 %), Рекреација, спорт и култура (–1,5 %), Облека и обувки (–1,2 %), како и Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги (–0,5 %).

Сепак, истовремено е регистриран раст кај одредени категории што директно влијаат врз домашниот буџет. Трошоците за Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување се зголемени, како и категоријата Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, каде растот изнесува 1 процент. Пораст има и кај Ресторани и услуги за сместување (0,7 %), како и кај Услуги за образование и Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици (0,1 %).

Трошоците во групите Осигурување и финансиски услуги, Здравствена заштита и Храна и безалкохолни пијалаци остануваат непроменети во однос на претходниот месец.

Индексот на цените на мало во јануари 2026 година, во споредба со декември 2025 година, изнесува 97,3.

На годишно ниво, односно споредено со јануари 2025 година, индексот на трошоците на животот бележи пораст од 3,2 проценти, додека индексот на цените на мало е зголемен за 1,2 проценти.

Иако месечните податоци покажуваат благо „ладење“ на инфлацијата, годишните бројки укажуваат дека трошоците за живот и понатаму се повисоки во однос на лани, особено во сегментите поврзани со домување и енергија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни