Со години, земјата се смета за едно од најопасните места за патување – но туристите продолжуваат да одат таму. „Темниот туризам“ стана тренд.
Во Либија има немири со децении, а особено турбулентно беше по убиството на локалниот диктатор Моамер Гадафи.
Оттогаш, битката за власт трае меѓу ривалските групи од истокот и западот на земјата.
Поради тие борби, многу земји ја означија Либија како небезбедна за туристите, но тоа не ги спречи некои смели авантуристи да се приклучат на трендот на „опасен туризам“ или „мрачен туризам“.

Соединетите држави издадоа советување за патување на ниво 4, највисоко, против одење во Либија, предупредувајќи на „криминал, тероризам, неексплодирани нагазни мини, граѓански немири, киднапирања и вооружени конфликти“. Владата на Обединетото Кралство исто така ги советува туристите да не патуваат во оваа африканска земја.
Сепак, Либија привлекува близу 100.000 меѓународни туристи секоја година, пишува „Travel and Tour World“, повикувајќи се на „Њујорк пост“.
Некои патници тврдат дека ја посетиле Либија без никаков страв и проблем.

„Се чувствувавме безбедно таму цело време“, рекоа Хадсон и Емили, кои ја посетија Либија во 2024 година.
Двајцата патувале со телохранител кој бил „многу сериозен за својата работа“, па дури и отишле во тоалет со нив. И покрај дополнителната претпазливост, тие уживаа и се восхитуваа на античките урнатини и светското наследство на УНЕСКО на Лептис Магна, „убавиот“ град Триполи и „супер пријателските луѓе“.
Но, тоа не значи дека Либија е безбедно место. Минатиот мај, британски турист седум часа бил држен под закана со оружје на воен контролен пункт во Либија.
Даниел Пинто (26) пристигна во Либија на 29 мај 2024 година и помина 21 ден патувајќи – затоа што сакаше да го види „мистериозното“ место. Тој се опишува себеси како „опасен турист“ и бил во Иран, Ирак и Сирија. Но, овој пат наиде на пречка во својата авантура кога војската со часови го држеше под пиштол. Тој не објасни како се снашол, но не изгледал премногу потресен од „страшната“ ситуација кога ја споделил својата приказна.

Пинто и другите кои ги игнорираа советите да не ги посетуваат небезбедните земји се дел од растечката група на патници кои не сакаат мохито, но бараат возбуда.
Експертите за патувања велат дека забележуваат зголемен интерес за посета на места на природни катастрофи, масовни убиства или други настани или ситуации каде што се случило нешто лошо.