Отворен јавен повик за учество на 15. Биенале на млади уметници – Скопје

Музејот на современата уметност – Скопје објави Јавен повик за учество на 15. Биенале на млади уметници, кое ќе се одржува во периодот од октомври 2025 до октомври 2026 година, на повеќе локации низ Скопје и други градови во земјата.

Ова издание на Биеналето, ко-курирано од Себастиан Цихочки и Нада Прља, носи значајни новини во концептот, форматот и критериумите за учество.

Фокус на процесот, а не само на резултатот

Под мотото „важноста на процесот“, кураторскиот тим го преиспитува традиционалниот пристап на претходните биеналиња, ставајќи акцент на експериментирањето, истражувањето, дијалогот со публиката и општествениот контекст во кој се создава уметноста. Наместо една централна изложба и доделување награди, ова Биенале ќе се одвива низ серија изложби и настани, секој од нив со различна група учесници.

Без старосни и формални ограничувања

Една од најзначајните новини е укинувањето на старосната граница за учество – што претходно важеше за уметници до 35 години. Биеналето 2025/2026 е отворено и за уметници без формално образование, како и за дизајнери, архитекти, перформанс-уметници, писатели, студенти и креативци од различни области.

Што се очекува од апликациите?

Поканата е насочена кон дела што се наоѓаат во почетна, експериментална или „раноразвојна“ фаза, како цртежи, макети, интервенции во јавен простор, графити, перформанси, конкретна поезија, аудио-визуелни содржини, кратки видеа и поткасти, но и традиционални медиуми како слики и скулптури. Посебен акцент се става на идеи кои се авангардни, автентични и концептуално радикални, дури и ако се „недовршени“ по форма.

„Заинтересирани сме за дела кои се елементарни, но визионерски – кои зборуваат за потенцијал, а не нужно за резултат“, велат кураторите.

Аплицирање

Сите заинтересирани може да испратат свое портфолио или линкови до веб-страници/профили (вклучително и Instagram) со свои дела на mocaskopje.team@gmail.com, најдоцна до 24 август 2025 година.

Уметници кои предлагаат проекти за конкретни локации (улици, јавни институции, напуштени простори итн.) треба да ја наведат локацијата во пријавата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни