12 млади поети ќе читаат на „Отскочна даска #5“ пред Скопскиот поетски фестивал

Дванаесет млади автори се избрани да настапат на „Отскочна даска #5“, преднастан на шестиот Скопски поетски фестивал што ќе се одржи во мај.

Дванаесет млади поети на возраст од 16 до 30 години се избрани да читаат на „Отскочна даска #5“, преднастан на шестиот Скопски поетски фестивал. На конкурсот пристигнале 27 пријави, а изборот го направило интерното жири на фестивалот.

Од фестивалот велат дека се задоволни од бројот на пристигнатите апликации, како и од квалитетот на песните и талентот на кандидатите.

Кои поети се избрани

Избраните учесници, по азбучен ред, се: Марија Алексовска, Вероника Димоска, Христијан Илиевски
Мартин Миљев, Васја Мицковски, Милена Неделковска, Деспина Сиљаноска, Елена Соколоска, Бојана Спасовска, Кире Џотов, Ива Шајноска и Ели Шапкарова.

Настанот „Отскочна даска #5“ ќе се одржи на 3 април, а самите учесници ќе го изберат најдобриот меѓу нив. Победникот ќе има можност да чита и на официјалното отворање на Скопскиот поетски фестивал на 7 мај, заедно со авторите од главната програма.

Работилница и поетско издание

Со избраните поети ќе се одржи и работилница за уредување на песните, а пред почетокот на фестивалот нивните творби ќе бидат објавени во специјално издание, заедно со песните на учесниците од претходните изданија на „Отскочна даска“.

„Упатуваме голема благодарност до сите што ни ги пратија своите песни и ги охрабруваме да продолжат да пишуваат. Ги покануваме и да дојдат на настаните во рамките на фестивалот, кои ги подготвивме со многу љубов и внимание“, порачаа организаторите.

Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 7 до 9 мај, а настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни