„Ова вклучува мали делови од детски играчки и производи за бебиња што лесно се одвојуваат и можат да предизвикаат задушување, неточни или непотполни списоци на состојки кај козметичките производи и крајно опасни електрични грејачи. Многу од овие производи не се во согласност со важечките закони и не би требало да бидат во продажба. Во некои примероци, ниту еден од проверените производи не бил во согласност со регулативите“, стои во соопштението на BEUC.
Барање за итна интервенција од Европската комисија
Генералниот директор на BEUC, Агустин Рејна, предупредува дека, иако „Temu“ нуди евтини производи и има освоено голем дел од европскиот пазар, истовремено е и влезна точка за нелегални и небезбедни производи.
„Постојат јасни и широко распространети проблеми со платформата ‘Temu’ кои властите мораат итно да ги решат. Потрошувачите купуваат опасни производи кои завршуваат во нивните домови, додека европските компании кои ги почитуваат законите се соочуваат со нелојална конкуренција. Затоа бараме од Европската комисија да ја заврши истрагата и да преземе ефективни мерки против платформата ‘Temu’ во интерес на потрошувачите и легалните бизниси“, изјави Рејна.
Повици за построга регулација на е-трговијата
BEUC ја повика Европската комисија да ја заврши истрагата за платформата „Temu“ и да обезбеди усогласеност со Законот за дигитални услуги и Законот за заштита на потрошувачите на ЕУ.
Дополнително, бараат:
Јасни правила за одговорност на онлајн платформите.
Зајакнување на царинската реформа на ЕУ, со цел спречување на влез на опасни производи.
Поголеми ресурси за царинските органи, за да можат да спроведуваат проверки на безбедноста на производите при влез во ЕУ.
BEUC, заедно со неговите членки, веќе поднесе жалби против „Temu“ за повторено прекршување на Законот за дигитални услуги, вклучително и манипулативни дизајнерски техники („dark patterns“) и недоволна транспарентност на продавачите.
Дали ќе следат конкретни санкции против „Temu“ или ќе продолжи да оперира со истиот пристап? Европските институции се на потег.