Италијанските власти открија нелегална фабрика за тутун во близина на Рим, која произведувала околу четири милиони фалсификувани цигари дневно, избегнувајќи милиони евра даноци и давачки, објавија италијанските и институциите на Европската унија.
Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO), која ги координираше рациите, изјави дека се запленети 27 тони готови цигари , 19 тони тутун, 134 палети материјали и четири камиони.
Фабриката е откриена во градот Помеција, околу 30 километри јужно од Рим, и произведувала цигари спакувани под познати брендови, соопштија италијанската финансиска полиција „Гардија ди Финанца“ (ГДФ) и ЕППО, објави „Ројтерс“.
Меѓу фалсификуваните производи беа брендовите „Марлборо“ (Филип Морис), „Ротманс“ (Бритиш Американ Тобако), како и „Камел“ и „Винстон“ (Јапан Тобако).
Седум мажи од Украина и Бугарија беа пријавени кај судските органи за поседување шверцувани тутунски производи и фалсификување на трговски марки.
Полицијата, исто така, откри дополнителен објект во Ферентино, јужно од Рим и Помеција, кој се користел за складирање материјали и готови производи.
Според проценките на EPPO и GdF, овие капацитети би можеле да генерираат стоки во вредност од околу 700.000 евра дневно, или приближно 240 милиони евра годишно, со загуба од околу 160 милиони евра поради неплатени даноци и акцизи.
Истражителите рекоа дека осомничените користеле уреди за блокирање на сигналот и детектори на фреквенција за да избегнат откривање, додека нелегалните локации биле лоцирани со помош на дронови, видео надзор и долгорочни активности за следење.
