Откриена е нова молекула во вселената што укажува на потеклото на животот

Научници открија најголем органски молекул со сулфур во меѓуѕвезден простор – можно недостасувачко парче во мозаикот за космичкото потекло на животот.

Научниците открија најголем органски молекул што содржи сулфур – еден од клучните елементи за животот некогаш идентификуван во меѓуѕвездениот простор. Ова откритие го нарекуваат „недостасувачка алка“ во разбирањето на космичкото потекло на хемијата што го овозможила животот, пренесува CNN.

Сулфурот е десеттиот најзастапен елемент во вселената и е суштинска компонента на аминокиселините, протеините и ензимите на Земјата. Иако досега биле откривани сулфурни соединенија во комети и метеорити, научниците долго време биле збунети од отсуството на поголеми сулфурни молекули во меѓуѕвездениот простор – огромните региони меѓу ѕвездите исполнети со гас и прашина.

„Сулфурот пристигнал на Земјата од вселената многу одамна“, изјави Мицунори Араки, научник од Институтот „Макс Планк“ во Германија и главен автор на студијата објавена во списанието Nature Astronomy.
„Но, во вселената пронаоѓаме изненадувачки мал број молекули што содржат сулфур, иако тој би требало да е присутен во огромни количини.“

Претходни истражувања сугерираа дека сулфурот можеби е „скриен“ во космичкиот мраз, што го прави тешко забележлив. Новото откритие, сепак, додава клучен дел во оваа научна загатка.

Откриениот молекул има 13 атоми и е најголемиот сулфурен молекул некогаш пронајден во вселената. Претходниот рекорд бил молекул со девет атоми, додека повеќето досега познати сулфурни соединенија имаат само три до пет атоми.

Молекулата, која содржи и јаглерод и водород, се нарекува 2,5-циклохексадиен-1-тион и се додава на каталогот од над 300 молекули досега откриени во вселената. Ова, според научниците, отвора можност во иднина да се откријат уште посложени органски молекули.

Ѕвездени расадници и потеклото на планетите

Молекулата е детектирана во молекуларниот облак G+0.693–0.027, кој се наоѓа на околу 27.000 светлосни години од Земјата, во близина на центарот на нашата галаксија. Овие молекуларни облаци се ладни и густи региони каде што се формираат ѕвезди и планетарни системи.

„Состојките вградени во ваквите облаци подоцна се пренесуваат на планетите“, објаснува Валерио Латанци, коавтор на студијата. „Така се обидуваме да разбереме како од едноставни молекули настанал животот каков што го познаваме.“

Истражувачите најпрво ја синтетизирале молекулата во лабораторија, а потоа го споредиле нејзиниот прецизен радио-спектар со податоци добиени од радио-телескопите IRAM-30m и Yebes во Шпанија.

Независни експерти ја опишуваат студијата како „возбудлива детективска приказна“, која покажува дека сложената хемија неопходна за животот може да биде широко распространета низ вселената.

„Присуството на вакви молекули сугерира дека биолошки важни материјали можат да постојат и надвор од нашиот Сончев систем“, изјавија научници кои не биле директно вклучени во истражувањето.

Откритието ја зајакнува идејата дека условите за живот не се уникатни само за Земјата и дека слични процеси би можеле да се одвиваат и на други планети низ универзумот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни