Откриен идентитетот на нацистите од озлогласената фотографија во Украина

Откриен идентитетот на нацистите од озлогласената фотографија во Украина

Една од најшокантните слики од Холокаустот прикажува нацистички војник кој држи пиштол во главата на човек кој клекнува пред јама полна со тела. Со децении, идентитетот на убиецот од фотографијата, познат како „Последниот Евреин во Виница“, беше обвиен во мистерија. Сега германскиот историчар, со помош на вештачка интелигенција, е убеден дека конечно ја решил загатката, пишува The Guardian.

Германскиот историчар Јирген Матеус трпеливо ги составува парчињата од загатката со години. Неговото истражување, објавено во списанието Zeitschrift für Geschichtswissenschaft, откри дека масакрот се случил на 28 јули 1941 година во тврдината на градот Бердичев во денешна Украина, а не во Виница како што се веруваше долго време. Градот, кој се наоѓа 150 км југозападно од Киев, бил важен центар на еврејскиот живот со векови. Злосторството го извршила Einsatzgruppe C, мобилна единица задолжена за „расчистување“ на регионот од „Евреи и партизани“ неколку дена пред посетата на Адолф Хитлер.

Помошта на вештачката интелигенција

Клучен пробив се случи откако Матеус објави прелиминарно истражување кое го откри датумот, локацијата и единицата. Тој бил контактиран од читател кој се сомневал дека убиецот може да биде чичкото на неговата сопруга, Јакобус Онен, врз основа на зачувана семејна преписка. Иако писмата на Онен од фронтот биле уништени, семејството ги зачувало неговите фотографии.

Волонтерите од групата за истражувачко новинарство Bellingcat ги користеле тие слики за анализа со помош на вештачка интелигенција. „Совпаѓањето, од сè што слушам од техничките експерти, е невообичаено високо во однос на процентот што го фрла алгоритмот“, рече Матеус. Иако историските фотографии го отежнуваат постигнувањето совршено совпаѓање, силната сличност, во комбинација со други докази, му дала доволно самодоверба да го објави своето откритие.

Кој бил убиецот?

Јакобус Онен, роден во 1906 година, бил професор по француски, англиски јазик и физичко образование. Тој се приклучил на нацистичката партија дури и пред Хитлер да дојде на власт во 1933 година. Матеус верува дека Онен позирал за фотографијата за да импресионира соборци.

„Учеството во такво убиство се земало здраво за готово и не ви носело никакви бонус поени во тие единици за убивање“, објаснил историчарот. Онен никогаш не напредувал над понискиот ранг и бил убиен во акција во август 1943 година. Роднина кој ги прочитал неговите уништени писма ги опишал како „банални“.

Проектот на Матеус сега е фокусиран на откривање на идентитетот на жртвата. Во соработка со неговиот украински колега Андриј Махалецки, тој ги пребарува советските архиви. Тој признава дека задачата е исклучително тешка бидејќи, за разлика од жртвите депортирани од Западна Европа, имињата на мнозинството од над еден милион Евреи убиени на окупираната територија на Советскиот Сојуз се уште се непознати денес.

„Повеќето од нив се непознати, токму како што намеравале убијците“, заклучил тој. Матеус верува дека оваа фотографија треба да биде подеднакво важна како и сликата од вратата на Аушвиц, бидејќи „ни ја покажува директната природа, директната конфронтација помеѓу убиецот и лицето што треба да се убие“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни