Ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток доведе до масовни откажувања на летови кон Израел и повеќе земји од регионот.
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Аман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, потврди портпарол на компанијата. Дополнително, летовите до и од Дубаи се откажани за денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа денешните летови до и од Тел Авив и Бејрут, додека холандската „КЛМ“ суспендираше лет од Амстердам до Тел Авив по нападите врз Иран.
„Виз Ер“ ги откажа сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март. Од компанијата соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај и владините институции. Оперативните одлуки, како што наведуваат, ќе се прилагодуваат во зависност од развојот на настаните.
„Ер Арабија“ ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот, а шпанската „Иберија Експрес“ го суспендираше денешниот лет кон Тел Авив.
Во меѓувреме, Ирак, Катар, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран со цел да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека низ целата држава е прогласена вонредна состојба. Извор за Си-Ен-Ен потврдил дека израелскиот напад бил координиран со САД.
Американски претставници посочија дека се очекува нападот врз Иран да биде значително пообемен од претходните операции, а акциите се спроведуваат од воздух и од море.
Ситуацијата останува тензична, а авиокомпаниите најавуваат дека распоредите ќе се менуваат во зависност од безбедносната проценка.