„Отело“ во режија на Оксана Дмитриева вечерва го затвора фестивалот РУТА

Претставата „Отело“, копродукциски проект помеѓу театар „Улисис“ од Бриуни, Хрватска и Сараевскиот воен театар САРТР, во режија на Оксана Дмитриева, ќе биде изведена вечерва во 20 часот на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Со оваа претстава ќе биде спуштена завесата на вториот фестивал РУТА, што обединува театарски продукции од регионот.

Драматург на претставата е Нејра Бабиќ, на проектот соработуваа Раде Шербеџија и Ленка Удовички. Сценограф и костимограф е Михајло Николајев, музиката е на Катерина Палачова, а кореографијата – на Ина Фалкова.

Улогите ги толкуваат: Eрмин Браво, Албан Укај, Ана Марија Брџановиќ, Давор Сабо, Маја Салкиќ, Јасенко Пашиќ, Снежана Богичевиќ, Аднан Крешо, Ален Коњиција, Мак Ченгиќ

– Живееме во време на војни кои постојано нѐ пратат, а од 24 февруари 2022 година над нас е сенката на војната во Украина. Како луѓе и уметници важно е да проговориме, да дејствуваме и да поставуваме прашања. Едно од најдлабоките чувства кое го носам со себе како лично искуство од времето на деведесеттите години од минатиот век, е чувството на шок, дезориентација, страв и осаменост што се случува кога ќе осознаете дека се соочувате со она што е непоимливо… Војна. Во тој миг на соочување со најинтимните длабочини на човековата душа и природа, од непроценливо значење ми беше пружената пријателска рака – вели режисерката Дмитриева.

Удовички објаснува дека со оваа соработка, ја изразуваат нивната солидарност и поддршка со колегитеуметници од Украина.

– Оксана Дмитриева го предложи текстот „Отело“ како приказна за херој кој по војната мора да продолжи да живее во мирновременско опкружување. Да, тоа е тоа. Шекспировата генијалност повторно нѐ поврзува – вели Удовички.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни