Островот Спирит: Канадскиот бисер што смее да се гледа, но не и да се допре

Светото место на племето Стони стана глобална икона — но неговата вистинска магија лежи во тишината, ритуалите и недопрената врска меѓу природата и духовноста.

Островот Спирит е едно од најпознатите, но и најтаинствени места во Канада – локација која илјадници патници ја посетуваат секоја година, иако врз него речиси никој не смее да стапне. Овој мал, нeнаселен остров е сместен во Националниот парк Џаспер и е поврзан со источниот брег на езерото Малигне преку тесен појас земја. Од најблискиот пат го делат 14 километри, а од најблискиот град околу 50 – но токму таа оддалеченост го прави уште попосакуван.

Светската слава ја стекнал во 1960 година, кога огромна фотографија од островот се појавила на станицата „Гранд Сентрал“ во Њујорк, во рамки на Kodak кампања висока цели 18 метри. Оттогаш, Spirit стана симбол на канадската дивина: се појавува во Apple реклами, филмови, разгледници, а безброј фотографи го сметаат за „совршена сцена“ — остров среде тиркизна вода, опкружен со снежни врвови.

Но и покрај глобалната популарност, Spirit има едно правило: гледањето е дозволено; чекорењето – не. Единствено племето Стони има право да стапне на островот, бидејќи за нив тоа е свето место, познато под името Githni-mi-Makoche, или „Островот на исцелувањето“.

„Хилјадници години доаѓавме тука за исцелувачки церемонии,“ објаснува чуварот на традицијата Бери Весли за BBC. „Кога во 1907 беше основан националниот парк, бевме принудени да заминеме. Сега конечно се враќаме, повторно поврзани со тоа што ни припаѓа.“

Островот е поставен точно таму каде што земјата и водата се допираат, без да ја нарушуваат рамнотежата на природата. Планините што го обиколуваат симболично ги претставуваат предците на племето, а нивната духовна сила, според верувањето, тече низ целото подрачје.

Историјата вели дека американската сликарка Мери Шафер Ворен во 1907 година тргнала во потрага по езерото за кое кружеле легенди. Со водство на ловец од племето Стони, пристигнала до Малигне — и била восхитена. Во својата книга од 1911 година го нарекла „најголемиот природен призор на светот“, што ја поттикнало канадската влада да го заштити регионот.

До Спирит може да се пристигне само со организирани бродски тури, кајаци или кануа. Најпопуларни се 90-минутните излети, на кои водичите ја раскажуваат историјата на племето, легендите за езерото и причината поради која островот не смее да се посетува. Посетителите учат дека Spirit не е туристичка атракција, туку потсетник дека некои чуда се создадени да се гледаат — а не да се поседуваат.

И, иако е мало парче земја опкружено со планини, островот ја носи целата поетика на канадската дивина. Тоа е место каде тишината има тежина, каде ветерот носи приказни стар илјада години, и каде земјата и душата се спојуваат во една ненарушена рамнотежа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни