И покрај неодамнешниот напредок, регионот сè уште се соочува со сериозни структурни предизвици. Продуктивноста опаѓа, а државните претпријатија и понатаму доминираат во клучните сектори, спречувајќи приватни инвестиции. Помеѓу 23 и 53 отсто од државните претпријатија (во зависност од земјата) работат во сектори со висока емисија на штетни гасови, а околу 67 отсто од нив се нерентабилни.
Каде лежат шансите на регионот?
Финансиските пазари сè уште се недоволно развиени, што го отежнува пристапот до кредити – особено за микро, мали и средни претпријатија (ММСП). Овие претпријатија се двигател на економијата: претставуваат 99% од сите компании и обезбедуваат 75% од вкупната вработеност. Во Србија, на пример, домашното кредитирање на приватниот сектор изнесува околу 43% од БДП – значително помалку од просекот на ЕУ кој е околу 75%.
Дополнителен предизвик се климатските промени. Србија и Босна и Херцеговина се меѓу најголемите емитери на CO₂ по глава на жител во Европа. Од друга страна, Албанија речиси целосно се потпира на хидроенергија, што ја прави исклучително ранлива на суши. Енергетскиот сектор мора итно да се модернизира, диверзифицира и декарбонизира.
Решенијата се на дофат
ММФИ (IFC) од сопствено искуство знае дека таргетирани реформи, јавно-приватни партнерства и иновативни финансиски механизми можат да мобилизираат приватен капитал и да поттикнат одржлив развој. Потенцијал постои во обновливите извори на енергија, дигиталната инфраструктура, одржливиот транспорт, производството, земјоделството и прехранбената индустрија – сектори што можат да создадат нови работни места, повисоки приходи и да ја убрзаат интеграцијата со ЕУ.
Приватни инвестиции во обновливи извори на енергија
Преминот кон чиста енергија ќе бара големи инвестиции – проценети на 89,4 милијарди долари или 1,9% од БДП годишно до 2050 година. Околу 85% од тие инвестиции може да дојдат од приватниот сектор – ако се создадат соодветни услови.
ММФИ, заедно со Европската комисија, работи со владите на развој на еко-индустриски паркови за привлекување странски директни инвестиции и поддршка на зелена и конкурентна индустрија. Во Албанија, се поддржуваат конкурентни аукции за подобрување на пристапот до електрична енергија преку заеднички вложувања со приватниот сектор во обновливи извори.
Во БиХ се работи на модернизација на јавните претпријатија и подобрување на рамката за јавно-приватни партнерства – како темел за обновување на инфраструктурата и подобрување на управувањето. Во Србија, ММФИ ја поддржува иницијативата J-CAP за развој на пазарот на капитал и полесен пристап до долгорочно финансирање. Во Црна Гора, завршувањето на јавно-приватното партнерство за аеродромите е клучен чекор кон подобра инфраструктура.
Западен Балкан пред историска можност
Но инвестициите ќе дојдат само ако постои сигурност. Тоа значи транспарентни регулативи, фер конкуренција и ефикасни институции. Стабилни енергетски политики, дигитална трансформација и подобро деловно опкружување се неопходни за привлекување домашни и странски инвеститори.
ММФИ и Светската банка се дел од Инвестицискиот рамковен договор за Западен Балкан (WBIF), кој обединува грантови од ЕУ, национални фондови и заеми од меѓународни финансиски институции за поддршка на приватниот сектор во области како енергетска транзиција, климатска отпорност и конкурентност. Со комбинирани финансиски инструменти (blended finance), WBIF поддржува клучни инфраструктурни и реформски програми за регионална економска интеграција и побрза евроинтеграција.
Западен Балкан е на крстопат. Со продолжување на реформите и силна вклученост на приватниот сектор, регионот има шанса да изгради поконкурентна, одржлива и инклузивна економија – економија што ќе им донесе бенефит на сите граѓани.