На 15 март во Лос Анџелес ќе се одржи 98. церемонија на доделувањето на Оскарите, во организација на Академија за филмски уметности и науки. Свеченоста традиционално ќе се одржи во Dolby Theatre, каде што ќе бидат наградени најдобрите филмски остварувања од изминатата година.
Церемонијата започнува во 19 часот по источноамериканско време, додека програмата од црвениот тепих стартува половина час порано. Според македонското време, преносот на црвениот тепих ќе почне околу 00:30 часот, а главната церемонија во 01:00 по полноќ, ноќта меѓу недела и понеделник.
Водител на настанот втора година по ред ќе биде Конан О’Брајан, кој минатата година дебитираше како домаќин на Оскарите. Од Академијата истакнаа дека со својот хумор и енергија внел свежина во шоуто, а самиот тој низ шега најави дека се враќа и поради желбата повторно да ја почувствува атмосферата на оваа престижна вечер.
Меѓу презентерите кои ќе ги врачуваат наградите се најавени бројни холивудски имиња, а според традицијата на сцената ќе се вратат и минатогодишните победници во актерските категории, меѓу кои и Ејдриен Броди, за да им ги предадат статуетките на новите добитници.
Годинава се издвојува филмот Sinners со дури 16 номинации, што го вбројува меѓу најноминираните остварувања во историјата на наградите. Во трката за најдобар филм се десет наслови, меѓу кои „Bugonia“, „F1“, „Frankenstein“, „Hamnet“, „Marty Supreme“, „One Battle After Another“, „The Secret Agent“, „Sentimental Value“, „Sinners“ и „Train Dreams“, што најавува неизвесна завршница во најпрестижната категорија.
За разлика од минатата година, годинава публиката ќе може да проследи и музички настапи во живо. Ќе бидат изведени две од номинираните песни за најдобра оригинална композиција, меѓу кои и „Golden“ од филмот KPop Demon Hunters, како и „I Lied to You“ од „Sinners“, додека останатите номинирани песни ќе бидат претставени преку специјално продуцирани видеа. Организаторите најавуваат внимателно осмислена програма со еднаков фокус на сите категории и номинирани.
Оскарите и оваа година ветуваат гламур, емоции и силна конкуренција, со надеж дека 98. издание ќе понуди незаборавни моменти за филмската индустрија и милионската публика ширум светот.