Иран за крај на војната има посебно барање. Рубио: Тоа е опасно за целиот свет

Иран бара суверенитет над Ормускиот теснец како услов за крај на војната, САД предупредуваат на глобална опасност.

Иран во најновите преговори за завршување на војната излезе со ново барање – признавање на суверенитет над Ормускиот теснец, еден од најважните поморски коридори во светот.

Овој теснец е клучна точка за глобалната енергетска трговија, бидејќи низ него поминува околу една петтина од светската нафта и гас.

Според анализите, Техеран сè повеќе го гледа теснецот како средство за економски притисок, но и како потенцијален извор на милијарди долари преку наплата за транзит.

Иранските власти веќе разгледуваат законски механизми за воведување таков систем, што би му овозможило да контролира кои држави можат да го користат преминот и под какви услови.

Овој потег предизвика силни реакции од Западот. Американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека воведување наплата или контрола врз пловидбата би било „незаконско, неприфатливо и опасно за целиот свет“.

И земјите од Г7 нагласија дека е неопходно да се обезбеди слободна и безбедна пловидба низ теснецот, поради неговото значење за глобалната економија.

Во меѓувреме, пловидбата низ Ормускиот теснец веќе е сериозно нарушена, што доведе до раст на цените на енергенсите и дополнителна нестабилност на пазарите.

Експертите предупредуваат дека Иран ја препознал моќта на оваа стратегија – со релативно мал притисок врз еден клучен коридор, може да влијае врз целиот глобален економски систем.

Новиот услов покажува дека Ормускиот теснец станува централна алатка во геополитичката стратегија на Техеран, со потенцијално долгорочни последици за светската трговија и енергетска стабилност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни