Земјите од Персискиот Залив претрпеа економска штета поголема од 50 милијарди долари поради затворањето на Ормускиот Теснец, додека тензиите на Блискиот Исток ескалираат од почетокот на американско-израелскиот напад врз Иран на 28 февруари, а морскиот премин и натаму останува затворен, се наведува во анализа на Турскиот истражувачки центар за енергетски стратегии и политики (TESPAM).
Според агенцијата Анадолија, извозот на нафта се намали за 36 отсто, повикувајќи се на податоците од анализата.
Меѓу 27 февруари и 30 март, извозот на нафта од Иран, Ирак, Кувајт, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин се намалил од 12,3 милиони барели дневно на 7,8 милиони барели, што претставува пад од 36,4 отсто.
Конфликтот, предизвикан од нападите на САД и Израел врз Иран, проследени со одмазднички мерки од Техеран, влезе во вториот месец и се прошири во поширока регионална криза.
Во извештајот објавен од Турскиот истражувачки центар за енергетски стратегии и политики (TESPAM) со седиште во Анкара, Анадолија наведува дека намалениот извоз резултирал со загуба од 15,27 милијарди долари приходи од нафта.
Доколку се пресметаат и нарушувањата во испораката на течен природен гас, транспортот, енергетските постројки и другите сектори, вкупните загуби надминуваат 50 милијарди долари.
Намалениот сообраќај низ теснецот значително го намалил обемот на извозот, со што се ослабени примарните извори на приходи на економиите од Заливот.
Покрај енергетските пазари, конфликтот ја забави економската активност низ целиот регион, влијаејќи врз производството, инфраструктурата, логистиката, трговските рути, финансиите и туризмот, се наведува во анализата на TESPAM, со потсетување дека земјите од заливскиот регион произведуваат околу 30 милиони барели нафта дневно, што претставува речиси една третина од глобалната понуда.
Податоците на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) со седиште во Париз покажуваат дека околу 25 отсто од глобалните поморски испораки на нафта минуваат низ Ормускиот Теснец, а големите азиски економии, вклучувајќи ги Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Индија, во голема мера зависат од снабдувањето со енергенси од Заливот, при што 44 отсто од суровата нафта што се испорачува од регионот се извезува во Кина и Индија.
Со оценка дека станува збор за најсериозното нарушување на снабдувањето во модерната историја, претседателот на TESPAM, Огузан Акјенер, изјави дека земјите преземаат мерки за да ги намалат последиците од кризата.
Тој предупреди дека продолжениот конфликт може дополнително да ги продлабочи предизвиците во енергетскиот, транспортниот и прехранбениот сектор.
Акјенер истакна дека кризата ја преобликувала глобалната енергетска динамика и дека најголеми губитници се извозниците од Заливот, азиските увозници на нафта и течен природен гас, танкерскиот транспорт и земјите зависни од трговијата преку Ормускиот Теснец.