Орбан забрани ЛГБТК симболи на владини згради

Националистичкиот лидер со години ги укинува правата на ЛГБТК лицата во името на „заштита на децата“, а оваа година неговата владејачка коалиција усвои законски измени со цел да се забрани годишната Парада на гордоста.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан забрани прикажување на симболи кои „се однесуваат на или промовираат“ сексуални малцинства на владини згради, само неколку часа пред формалното отворање на 30. фестивал на гордоста во Будимпешта, на 6 јуни, јави AFP.

Националистичкиот лидер со години ги укинува правата на ЛГБТК лицата во името на „заштита на децата“, а оваа година неговата владејачка коалиција усвои законски измени со цел да се забрани годишната Парада на гордоста.

Парадата е кулминација на повеќенеделниот Фестивал на гордоста во Будимпешта, а оваа година треба да се одржи на 28 јуни, и покрај заканите со забрана.

Новата уредба потпишана од Орбан, објавена во официјалниот весник доцна навечер на 5 јуни, наведува дека „симболи кои се однесуваат на или промовираат различни сексуални и родови ориентации, или политички движења што ги претставуваат, не смеат да бидат поставени на згради поврзани со владата или централната банка“.

Канцеларијата на премиерот нагласи дека ова е „симболична“ одлука, бидејќи прикажувањето на такви симболи „не е вообичаена пракса на владини згради“.

„Владината уредба пред сè потврдува дека владата е целосно посветена на сузбивање на ЛГБТК пропаганда насочена кон децата, било во градинки, училишта, медиуми или јавни простори“, се наведува во соопштението.

Општинските згради не се опфатени со уредбата.

На градското собрание на Будимпешта се вееше знамето во боите на виножитото за време на секој Фестивал на гордоста откако либералниот градоначалник Гергели Карачоњ беше избран во 2019 година.

Организаторите на Прајдот и понатаму имаат намера да ја одржат овогодишната парада, и покрај правната несигурност околу настанот.

Во четвртокот, главниот правобранител на Судот на правдата на ЕУ во Стразбур препорача унгарските закони против ЛГБТК лицата да бидат прогласени за спротивни на правото на ЕУ.

Законот донесен во 2021 година забранува „прикажување или промовирање на хомосексуалност“ пред лица под 18 години, а воедно е и основа за овогодишните нови законски измени со цел забрана на парадата на гордоста.

Во петокот, Орбан ја осуди препораката на главниот правобранител како „срамота“.

„Очигледно е дека за оние во Брисел слободата за ширење сексуална пропаганда е поважна од заштитата на детските права. Ова е лудило!“, напиша националистичкиот лидер на X (поранешен Твитер).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни